За глупоста

Прашувајќи се како е возможно речиси целата нација да подлегне на лудите идеи на Хитлер, Дитрих Бонхефер, германски борец против нацизмот, ја напишал оваа анализа на феноменот наречен човекова глупост.

4f411c7dd400d8cc3ebd00031ff0e07d_M
Глупоста е поосапен непријател на доброто, од злото. Против злото можеме да се буниме, може да се разоткрие, во случај на нужност и да го спречиме со сила; злото секогаш во себе носи сопствено уништување затоа што кај луѓето макар и предизвикува непријатност. Против глупоста сме немоќни. Тука не можеме ништо да постигнеме со протести или сила; аргументите не вредат, а во фактите кои говорат против претходно оформените мислења едноставно никој не верува – во такви случаи глупакот е дури и критичен.

Освен тоа глупакот, за разлика од злобниот, сосема е задоволен од самиот себе: да, тој е дури и опасен затоа што лесно се раздразнува и преминува во напад. Затоа мораме да бидеме попретпазливи со глупакот, отколку со злобниот човек. Никогаш повеќе не треба да се обидуваме глупакот да го убедиме со аргументи, тоа е бесмислено и опасно.

За да знаеме како да излеземе на крај со глупоста, мораме да се обидеме да ја разбереме нејзината суштина. Едно е сигурно: таа во суштина не е дефект на интелектот, туку дефект на човечност. Има луѓе кои се интелектуално оплеменети, кои се глупави, и интелектуално успорени кои се сè, само не глупави. Тоа, на сопствено изненадување го откриваме во одредени ситуации.

Впечатокот дека глупоста е вродена слабост не е толку силен како оној дека луѓето во одредени ситуации стануваат глупави, односно самите си допуштаат да заглупават.

И можеме да видиме дека луѓето кои живеат одвоено од останатите и се осамени, поретко ја поседуваат таа маана, отколку луѓето кои имаат потреба од дружење.

Се чини, дека глупоста е повеќе социолошки отколку психолошки проблем. Таа е резултат на делување на извесни историски околности на човекот, психолошки феномен кои следи одредени социолошки прилики.

Ако тоа го анализираме малку подетално, се покажува дека секој силен надворешен развој од политички или верски тип, погодува голем број луѓе со глупавост. Да, тоа речиси и звучи како  некој социо-психолошки проблем. Моќта на едни зависи од глупоста на други. Никогаш, меѓутоа, некои човечки особини, на пример интелектуалните, не се намалуваат или исчезнуваат, туку преовладувачкиот впечаток кој развојот на моќта го остава врз одредени луѓе ја одзема нивната самостојност – тие помалку или повеќе несвесно се откажуваат од самостојноста во ситуацијата во која што се наоѓаат.

Фактот дека глупакот е често и тврдоглав, не смее да нè заведе да поверуваме дека е самостоен. Уште во разговорот со него забележуваме дека немаме работа лично со него, туку со пароли и слогани кои сосема го заробиле. Тој е запоседнат, заслепен, злоупотребен и злоставуван во своето битие. Тој е претворен во инструмент без волја и така е во состојба да направи што поголемо зло, а истовремено не е во состојба да го спознае како зло. Овде лежи опасноста од демонската злоупотреба која може засекогаш да го уништи човекот.

Дитрих Бонхефер (Dietrich Bonhoeffer; 1906 – 1945)
германски свештеник, теолог, антинацистички дисидент.
Спротивставувајќи се на нацистичката диктатура, пред сè на Хитлеровите програми за еутаназија и геноцид над Евреите, уапсен е во април 1943 година и одведен во концентрационен логор. Обесен е на 9 април 1945 година.

- Реклама -