Бројот на загинатите во денешниот терористички акт во турската престолнина достигна 86 лица, соопшти турскиот министер за здравство. Според последните информации повредени се 186 лица, а во болница во критична состојба се наоѓаат 28 лица.
Две експлозии ја стресоа Анкара, на почетокот на демонстрациите кои се одржаа под слоганот “Труд. Мир. Демократија “, со учество на синдикалните организации и турската медицинска комора. Демонстрациите биле насочени кон повикување за крај на конфликтот меѓу Турција и курдската организација ПКК.
Турската полиција не ја исклучува можноста големата трагедија да е дело на бомбаш-самоубиец, но исто така постои веројатност, на патот на мирниот марш организиран од синдикатите да бил поставен пакет со експлозивна направа.
На местото на трагедијата веќе работат соработници на полицијата и екипи на итната медицинска помош, додека во воздухот лебди хеликоптер.
Засега ниедна група не ја презеде одговорноста за нападот.
Според зборовите на очевидците имало две силни експлозии кои ги потресле околните згради.
Ердоган го осуди нападот
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган го осуди нападот во Анкара.
„Строго го осудувам овој одвратен напад врз нашата земја. Целта на нападот во Анкара е да доведе до судир на различните делови на нашето општество. Најдобар одговор на тероризмот е да покажеме солидарност. Нашата држава, сите нејзини институции работат за разјаснувањето на она што се случило. Уверен сум дека виновниците ќе бидат наскоро фатени и изведени пред суд “, изјави Ердоган.