Уште еден добар пример за теоријата на релавититетот на Ајнштајн е лентата за трчање. Сигурни дека поминал барем еден час слушајќи го монотониот тропот на вашиот чекор, погледнувате во часовникот и сфаќате дека се работи за одвај 10-тина минути. Тоа неизбежно ве води да повлечете паралела помеѓу вашата голгота и онаа на луѓето подложени на справа за мачење, а за волја на вистината, донекаде и сте во право. Лентата за трчање настанала баш за таа цел.
Првите почетоци датираат од 1800-тите, кога справата била измислена како начин на казнување на англиските затвореници. Во тоа време, англискиот затворскиот систем бил прилично суров – егзекуцијата и депортацијата биле најчестиот избор на казна, а во меѓувреме затворениците биле сместени во осамени и нечисти ќелии. По заложбите на разни општествени движења, филантропи и некои од тогашните угледни и славни личности (хинт: Чарлс Дикенс), затворскиот систем тргнал на патот кон реформирање и изнаоѓање на нови методи за рехабилитација на затворениците. Така, во 1818-та, англискиот инженер Сер Вилијам Кјубит ја измислува „лентата за трчање“, чија оригинална верзија изгледала како „веслачко“ тркало со 24 скалила (види слика).
Затвореникот бил приморан да се качува по тркалото, во спротивно ќе паднел. Во просек, мачениците се „искачувале“ по 6 часа дневно, што е еквивалент на тоа да се искачувате речиси до половина на Монт Еверест, секој ден. Комбинирано со скромните порции, многу од затворениците не го издржувале напорот и завршувале со повреди или со колапс, што и не предизвикало некоја посебна емпатија кај чуварите. Напротив, ротацијата на тркалото се користела за пумпање вода, мелење на жито и напојување на воденици, па на него се гледало како на генијален изум, кој за само една декада се проширил низ цела Британија, па и во Америка. Неговата употреба наголемо придонела во опоравувањето на британската економија, која претрпела големи штети од Наполеоновите војни.
Затворските чуварите просто го обожавале, нагласувајќи го одличнот ефект што го имало во припитомувањето на затворениците, а во 1824-тата, Џејмс Харди (еден од нив) ќе рече дека суштинскиот терор на справата лежи „не во нејзината ригорозност“, туку во нејзината „монотона постојаност“.
Во првобитната форма, справата постоела сè до крајот на 19-от век, кога била забранета со Затворскиот Акт од 1989-та, како претерано сурова. Но, набрзо, во 1911-тата, во САД, лентата за трчање го возвраќа ударот, и тоа во форма на првиот регистриран патент за она што се смета за предок на онаа денешната. Патентот е материјализиран во 1952-тата, овојпат таргетирајќи ги луѓето од другата страна на затворските решетки, пред сè, вљубениците во џогирањето, кое добива огромен подем во 1970-тите години. Популарноста очигледно трае и до ден денес, а лентата за трчање претставува мошне ефикасен начин за одржување на телесната линија и топење на вишокот килограми. Додуша, само затоа што ваш е изборот кога да се симнете.