Последниве години модните дизајнери и брендовите се отворија за делот за интернетска продажба на своите креации, а македонската публика се адаптира на новиот начин на купување мода со еден клик. Креаторите тоа го прават на сопствените сајтови, но и на групни интернетпродавници. Еден таква се појави минатата недела, Forstep.mk, онлајн продавница ориентирана на дизајни со попуст, а на која може да ги најдете и домашните креатори Јованаа Филиповиќ, Ненад Секирарски, Мила Кадриу, Елена Спасовска и Ирина Тошева, како и неколку други брендови од типот Ada Gatti иPanda Optic. Зад Форстеп стои млад тим на чело со основачите Сара Механџиева и Игор Димитров, а ја контактиравме Сара да ни ги објасни принципите на делување на оваа нова интернетска продавница.
Како почна приказната за Форстеп и кој е тимот што го води проектот? Што сè може да се најде во интернет продавницата?
-Приказната за Форстеп започна уште пред една година и воопшто не беше случајно. Размислувавме во насока на тоа што недостостасува на македонскиот пазар или уште попрецизно, што е она што има простор да се развива. Се споивме во млад тим луѓе со голема желба и мотив за работа. Заедно со ко-основачот Игор заклучивме дека онлајн трговијата во целина, тука во Македонија, е во своите развојни почетоци иако во соседните Балкански земји тоа не е ситуација. Генерално, ние сме нација која ги следиме светските трендови и сакаме да го живееме нивниот лајфстајл. Затоа на македонскиот пазар нудиме нешто ново и современо. Отворивме специјализирана модна онлајн продавница која ќе промовира луксузни парчиња гардероба, асесоари, очила, чанти на неделни попусти или 5 дневни зделки. Ова е претприемачки тип на бизнис и горди сме затоа што ваков модел на функционирање се уште не се појавил никаде во светот.
Онлајн продавницата е фокусирана на модни парчиња кои се на попуст, зошто токму ваков пристап?
-Првенствено, ваквиот пристап се должи на економската ситуација во земјава. Луѓето се почесто се жалат дека потрошувачката кошничка не им е доволна и не можат да ги задоволат основните потреби, особено оние од социјална природа. Секундарно, штедењето како категорија насекаде се применува, тоа е тренд во моментов. Од друга страна пак, на сите ни недостига време. Оние кои се врботени немаат време за шетање по трговските центри и следење на сезонски попусти. Едноставно луѓето не знаат каде да ја вложат својата енергија, а уште повеќе, своите пари кои во вакво време започнуваат се повеќе да ги штедат.
Кои дизајнери и брендови се засега присутни на Форстеп и дали веќе остварувате контакт и со други имиња?
-Досега успешно соработуваме со дел од македонските дизајнери како: Мила Кадриу, Јована Филиповиќ, Ирина Тошева, Ненад Секирарски, Елена Спасовска и сите тие биле дел од Моден викенд-Скопје. Од модните брендови, досега соработуваме со шпанскиот бренд Ada Gatti, брендот за оптички и очила за сонце Panda Optic и со грчкиот моден бренд за чанти ВЕТА, кој ексклузивно преку Форстеп, се позиционираат на пазарот во Македонија. Нашата визија е да ги отвориме срцето и вратите кон светот. Затоа се стремиме кон остварување на нови и успешни соработки со модните брендови и реномирани дизајнери тука и надвор од Македонија. Производите на дизајнерите и брендовите со кој досега направивме соработка можат да се погледнат на нашиот веб сајт Forstep.mk.
Македонската модна публика е малку скептична во однос купувањето мода на интернет, кое е искуството на Форстеп во првите денови од работата? Има ли нарачки?
-Кога Форстеп беше во својата проектна фаза се фокусиравме на тоа да понудиме сигурност и доверба на крајниот клиент. Од таа причина понудивме решение за сите оние потрошувачи кои од некоја причина се двоумат да купуваат онлајн. Доколку парчето кое им пристига до нивниот дом во рок од 48 часа не им прилега соодветно, имаат можност да побараат од нас бесплатна корекција кај модниот дизајнер од кој го нарачале парчето и ние да им овозможиме дата и време за корекција во нивните модни студија. Исто така, сериозна онлајн продавница не смее да функционира без гаранција за враќање на производи и враќање на вложените пари,тоа е регулирано во Законот за потрошувачи на Р.Македонија. Среќни сме што досега имаме неколку нарачки, со оглед на тоа што започнавме со активна работа пред многу кус период. Нашата порака до сите е да се ослободат од стегите кое општеството само ги создава и да почнат да веруваат на тркалото на светот.