Дури сега филмот „Пасолини“ дебитираше во кината во Велика Британија.
Сепак, во рок од една година, насловот ги обиколи сите најпрестижни фестивали во светот. И, конечно, филмот се покажа како одличен гест кон творештвото на Италијанецот, чии што филмови, уште додека беше жив забележуваат триумф главно по фестивалите.
… Бидејќи Паоло Пасолини е сè, но не и комерцијален уметник.
Британската премиера на екстравагантниот наслов во режија на Американецот Абел Ферара, е повод да се потсетиме на еден од најталентираните режисери на 20 век, бидејќи во годинава се навршуваат точно 40 години од насилната смрт на Пасолини.
На 2 ноември 1975 година, италијанскиот генијалец е пронајден мртов во една барака кај поморската станица на плажа во Остиа, на периферијата на Рим.
Тој бил претепан до смрт, а за убиството е обвинет еден малолетник, иако подоцна станува јасно дека се работи за петмина убијци, чиј што идентитет останува непознат до ден денес.
Весниците објавуваат одвратна слика на мртвото тело на режисерот, а прашањата не престануваат:
“Зошто загина? Кој му го направи тоа?”
Одговорите на овие прашања остануваат мистерија, како и прашањето дали ова убиство е политичко (“Јас сум марксист, кој гласа за Комунистичката партија”, ја задеваше Пасолини јавноста), дали е хомофобично (режисерот не ја криеше својата хомосексуална ориентација) или е последица на одмазда, поради скандалозното творештво (неговиот последен филм “Salò, or the 120 Days of Sodom” е забранет во десетици земји, поради потресните сцени со насилство…)
Едно е факт: на погребот, Пасолини беше испратен од огромна маса обожаватели, а еден италијански весник напиша:
“Местото на човек кој поставуваше прашања, сега е празно”.
Вилијам Дефо се справи храбро со улогата на Пазолини, со тоа што ја донесува дури и физичката сличност со режисерот. Сценариото се концентрира главно на последните – најважните – 24 часа од животот на уметникот, а филмот е исклучително интересен од аспект на тоа што го покажува модерниот изглед на оваа болна рана од минатото на италијанската и европската култура.
А сепак, колку и да е важно да спомнуваме некои работи од историјата, не е лошо да потсетиме дека едно е да гледаш филм за Пасолини, а сосема друго – филм на Пасолини.
Ги препорачуваме и двете.