Од Италија пристигнува информацијата дека раководството на Милан се согласило за сума од 65 милиони евра да ги продаде Златан Ибрахимовиќ и Тијаго Силва во Париз Сен Жермен.
Пребогатите сопственици на францускиот клуб се неверојатно активни на трансфер-пазарот, а Адријано Галијани по совет на Берлускони решил да ја прифати оваа понуда за двајцата одлични фудбалери на „Росонерите“.
Преговорите се уште во тек, извесно е дека Тијаго Силва сака да замине во Париз, таму би имал годишна плата од 7 милиони евра, речиси двојно повеќе отколку во Милан, а допрва треба да се слушне одговорот од Златан Ибрахимовиќ.
Токму затоа, неговиот агент Мино Раиола отпатува за Шведска, каде што во моментов се одмора Ибрахимовиќ. Доколку и тој се согласи, тогаш лесно може да се случи двајцата „Росонери“ да се преселат во Париз.
Милан ќе добие 65 милиони евра како отштета, но всушност ќе ослободи огромни 170 милиони евра, колку што вредат годишните плати на Златан Ибрахимовиќ и на Тијаго Силва до истекот на нивните договори.
Со оваа сума, Адријано Галијани би можел комплетно да го реновира тимот и на „Сан Сиро“ да го врати Рикардо Кака од Реал Мадрид, да го доведе Един Џеко во нападот, а исто така и да ја засили одбраната.