Microsoft воведе измени во EULA договорот за користење (оној за кој лажете дека сте го прочитале пред инсталацијата на било каков софтвер), а меѓу новините се наоѓа и една мошне незгодна клаузула.
Имено, со самото инсталирање на новиот оперативен систем, вие изразувате согласност дека Windows 10 има право автоматски да го блокира и онеспособи пиратскиот (нелегалниот) софтвер што сте го инсталирале, а воедно дури и хардверот што Windows не го препознава или не е авторизиран.
Најголем акцент се придава на нелегално набавените игри, кои во EULA договорот на Windows 10 се наречени „counterfeit games“ т.е. во превод – „фалсификат игри“. За сега, Microsoft не се изјасни по ова прашање, па останува нејасно како всушност ќе се одвива борбата против нелегалниот софтвер и дали ќе се однесува само на видео игрите, а остануваат нејасни и деталите околу тоа кој хардвер ќе се смета за нелегален и дали можеби во таа категорија ќе потпаднат и неофицијалните Xbox контролери.
Ова не е прв ваков обид на Microsoft. Нешто слично пробаа и со Windows Live Games сервисот, но по острата реакција од корисниците се откажаа од идејата и преминаа на Steam. Се чини дека со измената на EULA договорот – со која практично му дозволувате на оперативниот систем што сте го платиле да работи против вас, а во корист на трета компанија – Microsoft најавува дека е подготвен на уште еден, и тоа најрадикален чекор до сега.