Човештвото ќе гради населба на Месечината

Новоизбраниот претседател на Европската вселенска агенција (ЕСА) – Јохан Дитрих Вернер, најави дека во иднина агенцијата ќе работи на изградба на „село“ на Месечината.

Во интервјуто за Би-Би-Си, Вернер наведе дека лунарното село би можело да претставува замена за Меѓународната вселенска станица (МВС) и нова појдовна точка за патувања во нови и далечни дестинации, како што е Марс.

„Мораме да размислуваме за иднината и подалеку од МВС. Мораме да планираме изградба на вселенски брод што ќе биде кадарен да ја проучува микрогравитацијата во ниската Земјена орбита“, објаснува директорот на ЕСА.

Според најавите, месечевото село би се градело на „темната“ страна на Месечината (онаа што не е видлива од Земјата), а Вернер повика во подвигот да учествуваат држави од целиот свет и да ги здружат силите давајќи го „секој свој допринос во мисиите со астронаути, роботи и комуникациони сателити“.

Како што напомена Вернер, конкретните апликации од еден таков проект за Земјата би биле огромни. Во тој контекст потсети и на фактот што ефектот на стаклена градина не е откриен на нашата планета, туку во текот на истражувачката мисија на Венера.

- Реклама -