Што се случува со малата галаксија при судир со голема?

До неодамна научниците мислеа дека ако две галаксии се судираат, тогаш почнуваат да се раѓаат почесто нови ѕвезди во двете .

Но сега научниците од Меѓународниот центар за радиоастрономични истражувања (ICRAR) под раководство на д-р Лук Дејвис (Luke Davies) утврдиле дека тоа е поедноставен пристап и всушност сето тоа зависи од соодносот на димензиите на галаксиите.

Детална статија на оваа тема е објавена во списанието Monthly Notices of the Royal Astronomical Society, а суштината е прераскажана во порака на ICRAR.

Дејвис и неговите колеги ги набљудувале судирите на 20 000 галаксии со Англо-Австралискиот телескоп (AAT), лоциран во Нов Јужен Велс. Се покажало дека кога се соочени две галаксии со приближно иста големина, процесот на ѕвездообразување во секоја од нив всушност се забрзува. Но ако едната од галаксиите е значително поголема од другата, тогаш во неа овој процес се забрзува, а во “џуџестата” се забавува.

Важноста на ова откритие излегува надвор од рамките на едноставното изучување на механизмите на судири на галаксии.

„Истражувањата на слични вселенски судири ни овозможуваат подобро да разбереме како галаксиите растат и еволуираат”, вели д-р Дејвис.

Впрочем кон нашата галаксија Млечен пат со брзина од 400 000 км / ч се приближува соседната Андромеда. Но, не брзаат – судирот ќе се случи барем по 4 милијарди години.

Андромеда е поголема од Млечниот пат, но може да се каже дека двете галаксии се приближно еднакви по големина според вселенски мерки, па како резултат на судирот ќе почнат да се раѓаат повеќе ѕвезди – додека тие конечно не се спојат во едно, во идната “Млекомеда”.

Подолу можете да видите забавно видео кое го создале во ICRAR за да го илустрираат откритието на Дејвис.

- Реклама -