Костимите за капење – пријател или непријател: Што велат Македонките?

Сите го сакаме летниот период поради плажата, езерото, сонцето…но го сакаме ли летото поради костимите за капење?

За да дојдеме до одговорот решивме да поразговараме со неколку жени како се чувствуваат во своето тело на плажа. Ги запрашавме и дали повеќе уживаат во едноделен или дводелен костим за капење и наидовме на различни одговори. Да ѕирнеме во одговорите на нашите сограѓанки.

„ Носам дводелен костим за капење, а за волја на вистината никогаш не сум имала комплекси во врска со своето тело, иако имам родено три деца. Искрено, тоа воопшто не ме спречува гордо да лежам под чадорот на плажа. На мои 42 години имам 70 килограми, а висока сум 170 сантиметри. Никој не треба да се замара со тоа, особено помалите девојчиња. Тие се млади и убави. Сè им личи.“ – Маја, 42 години.

„ Толку многу вежбам, а никако не можам да го искоренам целулитот. На плажа се капам со летни шорцеви од срам, а горе секако си носам костим, бидејќи не се срамам од градите. На второто прашање за модата, не ми пречи и вака. Секој си избира како ќе изгледа на плажа, независно од трендовите. Не ми е глупаво што сакам да си ги прикријам недостатоците, сите го прават тоа“. – Весна, 22 години.

Friends-At-The-Beach

„ Бременоста сосема го промени моето тело, особено градите. Толку многу се спуштени што не ми е пријатно. Сепак, најдов начин како да изгледам добро во костимите за капење, со тоа што избрав да носам горен дел – „топ“. Тоа е цената на мајчинството. Среќа, сопругот секогаш ме потсетува дека сум најубавата жена на светот“ – Светле, 33 години.

„ Не знам. Зависи кога и каде. Најдобро се чувствувам кога сум со дечко ми на некое помирно место, со пензионери околу нас. Ако пред нас помине некоја млада и згодна девојка, брзам да влезам во вода мислејќи дека ќе ме споредува со неа, или со таквите што ништо не им „виси“. Другите викаат дека сум згодна, но јас се чувствувам дебело. Имам стрии и спуштен задник. Не сум многу горда на своето тело, но обожавам мода. Се разбира дека дводелни, по можност со реси. Би ја забранила само тангата“, Анета, 27.

„Убаво ми е како што е. Секако дека не сум ангел на Викторија Сикрет, но не сум лоша. Важно е да уживам“, Александра, 25.

За крај, би заклучиле дека сите девојки имаат проблеми со своето тело, никој не е совршен. Важно е да не се заморуваме многу, бидејќи колку сме посамоуверени толку позгодни не перцепираат луѓето околу нас.  Бидете среќни, смејте се, играјте на плажа, нурнете во длабочините и зачувајте добар спомен. Костимот нека биде само дополнително парче кое е неопходно за да ги покрие срамните делови.

- Реклама -