Автомобилите на иднината ќе возат сами. И тоа веќе не се само футиристички идеи, туку реална технологија на која се обложија водечките производители како Mercedes, BMW и Tesla.
Како автономни се одредуваат автомобилите, кои можат да вршат одредени активности што вклучуваат забрзување, кочење, паркирање и слично, без интервенција на возачите. Безшоферните автомобили се делат во два вида. Целосно автономни, кои можат да превезуваат патници од точка А до точка Б без интервенција на возачот, и делумно автономни, кои можат да вршат одредени функции сами, но сепак им е неопходна интервенција на возачот.
Целосно автономните автомобили се очекува да дебитираат дури во 2019 година, со тоа што во следните неколку години корисниците ќе мора да се задоволат со делумно автономни автомобили.
До крајот на 2020 година речиси 10 милиони автомобили, или еден на секои четири, ќе има карактеристики на автономните автомобили, според истражувањето на ВI Intelligence.
Технолошките компании исто така се вклучуваат во трката за презентација на автономни автомобили, со тоа што неодамна од Google објавија дека ќе тестираат автомобили без возачи ова лето во Калифорнија.
Целосно автономните автомобили исто така се поделени во две категории – со оператор и без оператор. Со оглед на проблемите поврзани со регулацијата, автономни автомобили без оператор едвај ќе ги видиме во следните 5-10 години. Автономните автомобили со оператор може да станат реалност во наредните пет години.
Предностите на автономните автомобили се главно во насока на зголемување на безбедноста на патот. Само во Велика Британија се очекува овој тип автомобили да ги намалат смртните случаи поврзани со несреќи на патот за 2 500 за периодот 2014-2030 година. Се уште постојат сериозни предизвици пред овој род автомобили поврзани со регулирањето и претежно со високите трошоци.
Според истражувањето на IHS Automotive, технологијата за автономни автомобили ќе чини меѓу 7 и 10 000 долари повеќе од просечната цена на автомобилите во 2025 година – сума која ќе се намали за околу 5 000 долари во 2030 година и 3 000 долари во 2035 година. Целосно автономен автомобил во моментов се пресметува дека ќе чини над 200 000 долари – цена, споредлива со луксузни автомобили во моментов.