Калифорнија минува низ четвртата сушна година и и се заканува голем недостаток од вода, па жителите мораат да изнаоѓаат иновативни решенија за да ги одржуваат своите тревници зелени. Откако прв пат во историјата беше објавена рестрикција на водата, со цел да се преброди една од најтешките суши во регионот, овие иновативни решенија значително се доближија до границата на екстремноста.
Согласно рестрикциите, Калифорнијците технички останаа без вода со која би ги наводнувале своите тревници, во кои всушност имаат вложено многу време и средства. Ама Калифорнија е позната по богатите жители, па тревникот, меѓу другото е и статусен симбол и средство за перчење пред соседите. Така, жителите прибегнаа кон драстични мерки – боење на тревата. Ваквиот метод доби огромна популарност, затоа што е поевтин од вештачката трева, а сепак резултатите се задоволителни (како што сметаат Калифорнијците).
Боењето на тревата претежно беше резервирано за атлетичарските и голф-терените, но сега го применуваат и обичните домаќинства, хотелиерите, свадбените планери итн. Зелената боја што се користи наводно е растителна и не е штетна ниту за растенијата, ниту за луѓето. Згора е и водоотпорна, макар што никој во Калифорнија не би се побунил ако заврне дожд и ја измие. Ефектот трае околу 3 месеци, по што тревата мора одново да се пребои.
Се препорачува пред боење, тревата да се остави целосно да пожолти, со цел да се добие рамномерна боја. Секако, сé уште е потребно да се наводнува, за да преживеат корените, но според еден спортски клуб, количината на вода што сега ја користат за наводнување е само 10% од онаа што претходно ја користеле.
Експертите проценуваат дека до крајот на 2015-та, на Калифорнија ќе и остане залиха од вода за пиење доволна за само една година. За да заштедат, управите донесоа забрана за полнење на базените, заради што многуод локалните ги демолираа, а се штеди и на туширање и, се разбира, на уредувањето на тревниците. Сите фонтани што не користат рециклирана вода се изгаснати, а на рестораните не им е дозволено да ги служат гостите со вода, освен ако тие тоа не го побараат. И покрај тоа, многу од дворовите блескаат со зелена трева.