Ван Перси заминува од Арсенал

Робин ван Перси летово ќе го напушти Арсенал откако денеска и официјално ја обелодени својата одлука да не потпише нов договор со лондонскиот премиерлигаш.

Актуелниот договор на холандскиот голгетер со „Tопчиите“ истекува во јуни 2013 година, што значи дека Арсен Венгер ќе биде принуден да го продаде својот капитен, за да избегне тој следното лето да си замине од Лондон без никаква отштета.

Францускиот стратег се надеваше дека ќе успее да го убеди Ван Перси да ја продолжи соработката со Арсенал, но желбите на Холанѓанецот да биде дел од тим со кој што ќе атакува на трофеи се покажаа како пресудни при неговата конечна одлука.

„Долго размислував на оваа тема, за на крајот да донесам тешка одлука – да не потпишам нов договор со Арсенал. Сигурно ќе има многумина што ќе ја критикуваат оваа моја одлука, ќе го почитувам мислењето на сите, но почувствував потреба за нов предизвик во кариерата, како дел од тим со кој што ќе имам можност да се борам за трофеи“ порача Ван Перси преку својата официјална веб-страница.

Арсен Венгер подготвен ќе ја дочека ваквата одлука на предводникот на нападот на Арсенал, со оглед на фактот дека „Tопчиите“ летово веќе ангажираа двајца елитни голгетери во своите редови, Лукас Подолски од Келн и Оливие Жиру од Монпеље.

Јувентус веќе извесно време се обидува да го убеди Ван Перси својата кариера да ја продолжи токму во овој клуб, но за голем фаворит во трката по извонредниот голгетер важи Манчестер Сити, чии газди се подготвени да му дадат на Холанѓанецот повеќе од двојно поголема плата од онаа што ја земаше во Арсенал.

- Реклама -