Двајца мажи, сериозно болни, делеле болничка соба. Едниот бил сместен на креветот до прозорот. Истиот тој човек морал секој ден да седнува во креветот барем на еден час, за да ја испразни течноста од плуќата. Другиот човек морал да лежи цело време. Постепено, се зближиле, говорејќи за животот, семејството, детството, работата…
Секое попладне, кога човекот до прозорот седел, на својот цимер му опишувал што гледа низ рамката. Другиот пак, почнал да живее токму за тие моменти, кога неговиот другар му го збогатувал светот со приказните за тоа што се случува таму надвор.
Надвор имало парк со преубаво езеро. Во него пливале лебеди, а на брегот покрај водата си играле деца. Околу него шетале вљубени парови држејќи се за раце. Цвеќето во паркот било преубаво, а во далечината се гледал градот. Еднаш дури имало и весела парада која минувала крај болницата. Додека човекот што седел ги опишувал сите овие убавини, другиот ги затворал очите, замислувајќи и уживајќи во сцените.
Поминувале денови, месеци. Човекот што морал да лежи повеќе не уживал со иста мерка во описите на другарот. Постепено, тој се исполнил со љубомора, сакајќи да е на местото на цимерот и лично да ги види сите тие убавини за кои секојдневно слушал. Толку очајнички го посакувал тоа што решил да го отруе оној до прозорот. Едно утро, сестрата влегла во собата само за да го најде мртвото тело на креветот до прозорот. Телото било однесено, а набрзо, оној што морал да лежи замолил да го преместат до прозорот. Сестрата прифатила, па тој за многу кратко време се нашол на толку посакуваното место, сам.
Полека и со огромен напор, се поткренал за да погледне кон прекрасното езеро, децата, паркот, паровите… Видел само ѕид. Бескрајно разочаран, ја повикал сестрата и ја прашал зошто другиот опишувал толку примамливи убавини кога таму нема ништо. Сестрата му одговорила дека раскажувачот всушност бил слеп и не можел да го види ниту ѕидот.
„Можеби само сакал да ве охрабри и да ве усреќи“, рекла таа.
Вашата среќа се потпира на среќата на другите. Направете ги среќни, без разлика на ситуацијата. Кога се споделува, тагата се преполовува, но среќата се дуплира. Споделете ја, за да не завршите осамени пред сивилото на ѕидот.