Пушењето во бременоста може да го уништи здравјето како на бебето, така и на мајката. Бременоста треба да ви биде силна мотивација за да ги откажете цигарите, затоа што со секоја запалена или незапалена цигара правите избор во име на вашето неродено бебе кое е целосно зависно од вас.
Пушење
Бебињата, чии мајки пушеле во текот на бременоста, се изложени на двојно поголем ризик од ненадејна смрт на доенче.
Пушењето и зачнувањето
Пушењето се сврзува со ниска плодност не само кај жените, а и кај мажите. Штетата од цигарите е толку голема, што ако вашата мајка пушела и вие имате помали шанси да зачнете.
Кај жените никотинот го намалува производството на хормоните потребни во текот на бременоста. Исто така го забавува или спречува транспортирањето на јајце-клетката низ јајцеводот до матката.
Во спермата на маж пушач има 15% помалку сперматозоиди, отколку во спермата на маж непушач. Пушењето го намалува и количеството спрема и способноста на сперматозоидите да се движат. Кај мажите пушењето влијае и врз крвните садови кои го снабдуваат пенисот, па може да предизвика и проблеми со ерекцијата.
Затоа, ако планирате да останете бремена, време е да ги откажете цигарите и вие и вашиот партнер. Така ќе ги зголемите шансите да станете родители и тоа што поскоро.
Пушењето и бременоста
Пасивно пушење
Пасивното пушење може да му наштети на вашето бебенце. Бебето во матката добива сè што му е потребно (храна и кислород) од својата мајка. Пушењето не само што го изложува фетусот на токсини од цигарите, туку и ја уништува плацентата.
Кога едно лице пуши, дел од кислородот во неговата крв се заменува со јаглерод моноксид. Ако пуши бремена жена, нејзината крв и крвта на нејзиното неродено бебе содржат помалку кислород од нормалното. Резултатот е забрзан срцев ритам кај бебето и тоа се бори да добие доволно кислород.
Во чадот од цигарите се содржат токсични супстанции, кои што го спречуваат нормалното функционирање на крвта. Тоа се одразува на плацентата.
Како пуштењето влијае на вашето бебе?
Бебињата чии мајки пушеле во текот на бременоста:
- Почесто се раѓаат предвреме
- Имаат пониска телесна тежина за околу 200g од бебињата чии мајки не пушат. Овој ефект на цигарите се зголемува пропорционално т.е. колку повеќе пуши мајката, толку помала ќе биде тежината на бебето.
- Имаат помали органи од бебињата кои се родени од непушачи.
- Страдаат од полошо функционирање на белите дробови.
- Изложени се на двојно поголем ризик од ненадејна смрт на доенче.
- Се разболуваат почесто. Бебињата чии мајки пушат по 15 и повеќе цигари дневно, во текот на бременоста, посетуваат болница двојно повеќе во текот на првите месеци од нивниот живот.
- Најверојатно и тие ќе станат пушачи во текот на нивниот живот.
- Бремените жени кои што пушат ризикуваат да пометнат, нивното бебе да умре во матката или да развијат други состојби (плацента превиа), со кои ќе му наштетат на бебето.