„Ова може да звучи премногу добро за да биде вистина, но научниците создадоа чоколадо, за кое што ветуваат дека ја намалува појавата на брчки и стареење на кожата”, пишува”Дејли телеграф”. Развојот е дело на тим од универзитетот „Кембриџ“ .
Станува збор за „Естечок” – чоколадо од лабораторијата на „Кембриџ”, кое го зголемува нивото на антиоксидансите и ја зголемува циркулацијата во телото, за да ги спречи несаканите линии на кожата и да ја одржува мазна и млада. Едно парченце од 7,5 грама содржи иста количина од антиоксидантот астаксантин, како парче лосос од Аљаска.
Креаторите велат дека чоколадото може да ја промени кожата на 50-60 годишен човек до тој степен што тој ќе изгледа како на 20-30 години. Лабораториските тестови покажаа дека после 4 недели јадење од чоколадото секој ден, волонтерите имале помалку воспаленија на кожата и зголемен крвен проток во кожното ткиво.
„Го користиме истиот антиоксиданс кој ја прави златната рипка златна и фламингото розово”, вели научник од тимот. „Во клинички истражувања видовме намалување на воспаление на кожата и подобрување на состојбата на нејзините ткива”, вели докторот.
Едно парченце од чоколадото содржи 38 калории, што го прави безбедно и за дијабетичари. „Естечок” нема да се продава слободно во британските масовни супермаркети . Производот наречен „чоколадото за убавина на Кембриџ” ќе се порачува поединечно и ќе пристигнува на адреси до 3 недели. Тоа ќе биде предложено и за слободна продажба, почнувајќи од следниот месец, но само во луксузни синџири во земјата.
Се уште не е јасно која ќе биде неговата цена, но се очекува да е многу висока. Таа ќе стане позната, кога ќе биде претставено официјално на глобалната средба за иновации во прехранбената индустрија, во март во Лондон.
Експерти од Универзитетот во Глазгов и Универзитетскиот колеџ во Лондон предупредуваат дека се потребни уште лабораториски испитувања, кои сигурно ќе ја потврдат моќта на производот.