Facebook ќе дозволи менување коментари

Идеално за сите луѓе кои брзаат при пишувањето коментари на Facebook. Социјалната мрежа ќе го отстрани ограничувањето кое не дозволуваше менување на коментари.

Facebook го слади примерот на Google+ и ќе дозволува уредување на сите коментари, без оглед колку се стари и дали се на статус, фотографија, видео или друга содржина постирана на сајтот. Иако уште во април 2011 беше претставена опција за уредување на коментар таа важеше само неколку секунди по објавувањето на коментарот.

Тоа ограничување сега ќе биде целосно отстрането и корисниците ќе можат да ги уредуваат коментарите и да не се грижат дали ќе стигнат на време да ја поправат својата грешка. Ова ќе биде од особена корист за луѓето кои прават многу грешки при пишувањето но не ги забележуваат веднаш по објавувањето.

Функцијата исто така ќе им овозможи на корисниците да изменат коментар на контроверзна тема ако тој биде оценет како навредлив од нивните пријатели. Сепак Facebook ќе вклучи и нов линк “Edited” помеѓу времето кое покажува кога бил постиран и линкот “Like”. Тој линк ќе овозможи да се види историја на измени, слично како кај Wikipedia, кој ќе им овозможи на корисниците да видат што точно било променето.

Исто така, времето на објавување ќе се промени со секоја измена но пријателите кои биле известени за коментарот нема повторно да добијат известување при промената. На пример, ако измените коментар од пред шест месеци, тешко дека некој ќе забележи. Претставник на Facebook напоменал дека оваа промена од денес е достапна за ограничен број корисници но наскоро ќе биде достапна за сите.

- Реклама -