Потеклото на интернационалните симболи

Сите знаеме што означуваат интернационалните симболи (црвениот крст, знакот за мир, знакот за атомска енергија, смајли, знакот за долар итн.), но дали некогаш сте се запрашале од каде потекнуваат?

Знакот за мир

1

Овој знак бил дизајниран за потребите на Кампањата за нуклеарно разоружување во 1958 година. Составен е од почетните букви од англиската синтагма Nuclear Disarmarment, испишани со азбуката на интернационални симболи. Буквата N се претставува со две знаменца во превртена V форма, додека D се претставува со едно знаменце право нагоре и едно право надолу. Постојат теории дека знакот потекнува од римскиот император Нерон, кој наредил Свети Петар да биде распнат на превртен крст, а симболот всушност го претставува скршениот крст; како и теоријата дека знакот кој денес означува мир во средновековието бил асоцијација за ѓаволот. Сепак, официјално, знакот за мир постои од 1958.

Медицинскиот симбол

2
Симболот за медицинската професија е стап со змија завиткана околу него. Многумина тврдат оти симболот потекнува од библиската приказна за егзодусот од Египет, во која Мојсеј го фрла својот стап среде змиите на дворските маѓионичари на Рамзес, а стапот се претвора во змија и ги голта останатите рептили. Другата теорија е оти стапот (или скептарот) му припаѓа на Ескулап, римскиот бог на медицината (или Асклепиј во грчката митологија). Негови деца биле Хигија, божицата на здравјето (оттаму потекнува зборот хигиена) и Панакеја, божицата на лечењето (нејзиното име денес е синоним за универзален лек).

Црвениот крст

3

Згрозен од негрижата за ранетите во битката кај Солферино, помеѓу Франција и Австрија, Анри Динан, швајцарски бизнисмен и општествен активност, дошол до идеја за создавање на неутрална организација што ќе се грижи за ранетите и повредените во воените подрачја. Меѓународниот црвен крст е признат од 1863 година, а со Женевската конвенција од 1864, на ранетите и на медицинскиот персонал на бојните полиња им бил даден специјален статус. Црвениот крст на бела основа е инвертираното знаме на Швајцарија, татковината на Динан. Знамињата со бела боја одамна се симбол за некој што сака да се предаде, а кога на тоа ќе се додаде црвен крст во средината, станува особено забележливо. Дополнително, Швајцарија има долга традиција на неутралност.

Смајли

4

Харви Бол го дизајнирал логото во 1963 година за кампања на компанија за осигурување. Истото било наменето за подигнување на моралот кај вработените по стресното спојување на две компании. Првото смајли било поставувано на беџови, постери и на картички на бироата. Беџовите станале особено популарни, па до 1971 година биле продадени преку 50 милиони. На Харви Бол му биле исплатени само 45 долари за трудот, затоа што никогаш не го патентирал својот дизајн. Според неговиот син, тој никогаш не зажалил за таквата одлука.

Симболот за нуклеарна енергија

5

Интернационалниот симбол за нуклеарна енергија е приказ на планетарниот модел на атомот, создаден од Ернест Ратерфорд. На фотографијата погоре е прикажан овој симбол исрцтан од голема група Севернокорејци со разнобојни плочи во своите раце, во текот на една од многуте прослави за нуклеарната програма на Пјонгjанг.

Знакот за долар

6

Американскиот долар потекнува од Шпанско-Мексиканскиот Пезос (или парички од осум, еквивалент на осум реали). Оваа валута била општо прифатена во Северна Америка во времето на Американската револуција. Најраспространетата теорија е дека знакот потекнува од шпанската кратенка за пезосот “ps”. Со текот на времето двете букви почнале да се пишуваат една врз друга, додека не се дошло до денешниот знак. Другата теорија вели оти се работи за осумка пресечена на половина, која постепено го добила денешниот изглед.

Британската фунта

7
Знакот за Фунтата стерлинга потекнува од големата латинска буква L, што означува libra, т.е. главната римска мерка за тежина. Валутата го добила името фунта, затоа што првично имала вредност еднаква на една фунта (453,5 грама) чисто сребро.

- Реклама -