Рускиот центар за арктички истражувања и неговиот директор Владимир Пушкарев направија неверојатна фотографија од внатрешноста на еден леден кратер во Сибир.
Имено, на сибирскиот полуостров Јамал се формираше леден кратер кој ги наведе научниците на истражување. Пушкарев и неговиот тим одлучија да ја истражат причината за настанувањето на овој природен феномен, пишува „Сајбирија тајмс“.
Името Јамал значи „крај на светот“, што дополнително ја симболизира оваа необична појава.
Експертите сметаат дека експлозија на газови во внатрешноста на земјата е одговорна за овој величенствен кратер, нешто слично како оној во Атлантскиот океан, поради кој настана и феноменот познат како „Бермудски триаголник“.
Пушкарев, кој е воедно и лидер на ова истражување, изјави дека со помош на алпинистичка опрема успеале да се спуштат во срцето на самиот кратер.
„Акцијата ја планиравме доволно долго, и ги спроведовме сите можни истражувања кои можеа да се спроведат. Сега останува на научниците да ги соединат сите соберени податоци, и да срочат еден целосен извештај“, додал тој.
Глабочината на овој кратер изнесува 17 метри, не сметајќи го „купот“ снег на самата површина кој настана како резултат на отворањето на кратерот и е висок неколку метри. На самото дно се наоѓа замрзнато езера, чија длабочина е неполни 11 метри, велат истражувачите.
Истражувањето на најдлабокиот од трите пронајдени кратери во северен Сибир, соедини голем број на познати научници од сите делови на Русија.
Голема е веројатноста дека вакви феномени се појавувале и порано, но едноставно не биле забележувани. Пушкарев вели дека е се уште рано за да се донесуваат било какви заклучоци.
„Се уште не сме свесни што се случувало неколку километри во внатрешноста за Земјината утроба. Тоа е една од најголемите тајни и мистерии на природата, која не е воопшто лесно да се открие. Трпението е клуч за се, а кога ќе дојдеме до одредени сознанија, не се ни сомневам дека ќе бидат револуционерни“, заклучил претседателот на Рускиот центар за арктички истражувања.