Двајца мијачи на прозорци беа спасени откако кабелот, што ја обезбедувал нивната платформа, се скинал и ги оставил да висат до платформата на 69-тиот кат на Светскиот трговски центар во текот на два часа.
Спасувачите успеаја да стигнат преку дупка во прозорецот до едната страна на платформата , на височина од 240 метри. Во операцијата за спасување учествуваа 100 пожарникари.
„Им беше потребно речиси час, за да ги достигнат двајцата мажи кои беа паднати во хипотермија поради лесниот, но постојан ветер“, изјави началникот на противпожарната служба во Њујорк, Даниел Негро.
Пожарникарите направија дупка во трислоен прозорец, низ која достигнаа до двајцата мажи и ги повлекоа внатре. Пред тоа тие пуштија кабел, за да обезбедат висечка платформа. Спасувачите мислеа да спуштат друга платформа и да ги пренесат двајцата мажи на неа, но одлучија дека тоа е премногу ризично, па се одлучија за повлекување низ прозорецот. Периметар околу зградата беше евакуиран и блокиран за премин. Таму имаше само пожарникарски и амбулантни возила. Во спасувачката операција учествуваа и хеликоптери. Зградата, која беше подигната на местото на Светскиот трговски центар, што настрада на 11 септември 2001 година, беше отворена минатата недела. Со височина од 541 метри таа е највисока во САД.