Мусака од карфиол

Ова јадење се подготвува за не повеќе од 40 минути.

Потребни состојки:

– 1 главица карфиол од околу 800 гр.
– 7 јајца
– 300 гр. сирење
– 200 гр. павлака
– брашно
– 250 мл. млеко
– 200 гр. кашкавал
– масло за јадење
– сол

Подготовка:

На оган ставаме тенџере со вода. Посолуваме, го покриваме тенџерето со капак и оставаме водата да зоврие. На даската за сечење карфиолот го чистиме и го сечкаме на гранчиња. Во поголем длабок сад на покрупната страна од рендето ги рендаме сирењето и кашкавалот. Потоа во садот кршиме 2 јајца и со рака месиме додека не се соедини смесата. Во зовриената вода во тенџерето го ставаме карфиолот да се обари. Го покриваме тенџерето со капак.
Во земјан сад кршиме 3 јајца и ги матиме со жица за матење. Обарениот карфиол со лажица решетка го ставаме во цедалка.

На оган ставаме тава за пржење и во неа ставаме масло да се загрее. Парчињата карфиол ги валкаме во брашно и ги ставаме во садот со изматени јајца. Откако ќе ги свалкаме во матени јајца парчињата карфиол ги ставаме да се пржат во тавата. За време на пржењето ги превртуваме. Испржениот карфиол го ставаме во керамички сад и на една чинија. Врз карфиолот во керамичкиот сад го ставаме претходно подготвениот фил од сирење, кашкавал и јајца, а врз него редиме уште еден ред похуван карфиол. Тавата со мусака од карфиол ја ставаме во рерна да се пече. Печеме 15- тина минути на температура од 200 степени. Преостанатите јајца ги кршиме во поголем длабок сад и ги матиме со жица за матење. Во садот ја додаваме павлаката и мешаме со жицата. Потоа во садот го додаваме млекото и се убаво промешуваме со жицата. Откако карфиолот ќе зарумени ја вадиме тавата од рерна, ја поливаме со јајцата павлаката и млекото и повторно ја враќаме тавата во рерна. Откако преливот ќе се запече ја вадиме тавата од рерна и ја ставаме на работната маса. По две парчиња мусака со карфиол ставаме на чинија за сервирање, а секое парче го украсуваме со топка павлака.

- Реклама -