Живееле во една куќа, сосема блиску до мочуриштето, тројца браќа заедно со својот стар татко. А нели секој знае дека да се живее до блато е лошо! Од него само штета и никаква полза.
Еден ден дошло време таткото да умре. Ги повикал тој своите синови и им рекол: – Слушајте, чеда мои. Треба да избегате од ова место. Само неволји и болести ни носи мочуриштето. Изградете си куќа некаде на планината и тогаш ќе заживеете како луѓе, но пред да почнете со работа, консултирајте се со мудриот старец, кој што живее во шумата. Времето минувало и браќата виделе дека нивниот татко бил во право. Требало да се вселат подалеку од мочуриштето. Се договориле и одлучиле најстариот брат да отиде во шумата кај мудриот старец за совет:
– Што да правиме? Лошо ли ќе направиме, ако се тргнеме од мочуриштето и си изградиме куќа на планината?
– Лошо, одговорил старецот без да ја остава работата со која што бил зафатен. Најголемиот брат престанал да го прашува повеќе и си тргнал со наведната глава. Кога се вратил дома, им го пренел на браќата одговорот на старецот.
– Но ти не му раскажа ли за нашите несреќи? прашал најмалиот брат. Ќе земам јас да одам кај старецот и да му објаснам како живееме … – Така тој отишол во шумата.
– Кажи, почитуван, се обратил тој кон старецот, што да правиме? Немаме сили да живееме повеќе до мочуриштето. Беди и болестите не зафатија – и со загриженост прашал: – Што мислиш, лошо ли ќе биде ако се тргнеме од таму? Лошо ли е да си изградиме куќа на планината?
– Лошо ќе биде – одговорил повторно старецот.
Братот се вратил во куќата тажен. Го сослушале неговите браќа.
– Сега, се чини, е мој ред да одам кај старецот, весело рекол најмалиот брат и тргнал кон шумата. Како што стигнал кај старецот, му се поклонил понизно, потоа приседнал и рекол:
– О, мудар човеку! Нашиот татко на смртна постела ни заповеда да се тргнеме од мочуриштето, каде не мачат болести и страдања. Нели, ќе биде подобро ако си изградиме куќа на планината?
– Ќе биде многу добро, сине мој! – одговорил старецот. На најмалиот брат небаре му пораснале крилја од радост, тој се заблагодарил на старецот и тргнал кон домот, каде со нетрпение го очекувале браќата.
Браќа мои, мудриот старец рече дека ќе биде многу подобро ако си изградиме куќа на планината. Браќата зинале од чудење:
– Како така? – истовремено го прашале тие. – Тој што, ни се исмејува ли? Тргнале и тројцата кон шумата.
– О, мудар човеку! – рекол најстариот брат. – Ти шега ли си правиш со нас? Зошто на мене и на мојот помал брат ни рече дека е лошо да градиме куќа на планината, а на најмалиот брат дека е добро?
– Не мислев да ви се потсмевам- одговорил старецот. – Вие ме прашавте: „Лошо ли ќе биде ако си изградиме куќа на планината?” А најмалиот ваш брат рече вака: „Нели ќе биде подобро ако си изградиме куќа на планината?” Јас му одговорив така, бидејќи тој започна со доброто, а вие со лошото. А зарем може да ти тргне работата, ако ја почнеш со страв, мислејќи за лошото? За доброто треба да се мисли! – додал старецот.
Благодарни браќата отишле и тројцата заедно ја изградиле куќата.
Тројцата браќа и мудриот старец
Албанска народна приказна