Утре ќе биде премиерно во Скопје, во киното Милениум, ќе биде прикажан македонскиот филм „До Балчак“ во режија на легендарниот Столе Попов.
„До Балчак” или Приказна од Дивиот исток е историски спектакл. Приказната се случува во првата декада од 20 век. Тоа е сурова, романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на поединецот.
– Основна работа за мене е самиот филм, тој да допре до публиката, да може таа да го доживее на еден силен емотивен начин, да се идентификува со главните јунаци, со дејствието, со приказната. Филмот трае 165 минути, што не е едноставна форма, затоа што се повеќе сме сведоци дека филмови траат се помалку и помалку. За мене како човек што толку години се занимава со филм, мајсторството наше филмско се гледа во должината колку можете подолго да го задржите вниманието на гледачот. Тоа е таен предизвик за сите филмаџии, истакна Попов, по повод премиерата.
Кино Милениум најавија и дополнителна програма на премиерата на филмот „До балчак“.
Во сабота, во 20.00 часот, во фоајето на кино Милениум ќе бидат поставени две изложби концептуално поврзани со филмот.
Едната изложба, организирана од НУ Филмски Центар Вардар Филм Македонија, во соработка со костимографот Емилија Ивановска Атанасовска, ќе овозможи публиката да ги погледне костимите на главните актери од филмот.
Додека пак другата е изложба на фотографии инспирирани од ликот и приказната на Тереза, еден од главните ликови во филмот „До Балчак”.
Насловот на изложбата е „Souvenirs d’un voyage”, а фотографиите се дело на Ѓорѓи Клинчаров.
Првата премиера во земјава, „До Балчак“ ја доби на овогодинешниот фестивал за киметографија „Браќа Манаки“ во Битола.