Познат патописец ја посети Македонија – Хераклеа му е омиленото место

„Седнав во античкиот театар и почнав да пишувам во мојот дневник инспириран од опкружувањето. Нема многу места на светот каде што можете да го правите тоа. Ако Хераклеја Линкестис беше некаде по должината на јадранскиот брег, би вриела од туристи “, раскажува познатиот патописец Мака  Шерифи, за Дневник.

Страсниот патник низ светот, кој што пишува за „Гардијан“, „Дејли мејл“, „Индипендент“ изрази огромна фасцинираност од убавините на нашата земја.

Тој вели дека Македонија има со што да се пофали, благодарение на  исклучително богатата историја, селската идила, љубезните луѓе и одличната храна. Сето тоа ја прави фантастична дестинација за патување,  која што тој срдечно ја препорачува, вели за „Дневник“ авторот на книгата „Kако да го испланирате патувањето на вашиот живот“.

Искусниот патописец, вели дека им ја препорачува Македонија како туристичка дестинација на сите типови патници, и оние со ограничен и оние со неограничен буџет. Тој додава дека   во места како Охрид има апсолутно неверојатен амбиент и многу да се види и направи.

– Уште откако учев за Филип Втори и за Александар Македонски на факултет во Велика Британија ме заинтересира македонската историја и отсекогаш сакав да ја видам од прва рака. Исто така, многу луѓе ја препорачуваат Македонија како една од земјите што мора да се посетат во блиска иднина, па тоа беше голем фактор и во мојата одлука да дојдам да ја видам, објасни Шерифи за весникот.

За време на својот престој во земјава пред две недели ги посети Скопје, Охрид и Битола. Своето омилено катче го пронашол во битолска Хераклеја.

– Навистина уживав патувајќи низ Македонија. Моето омилено место е Битола и прошетката по урнатините на Хераклеја Линкестис. Стигнав доцна попладне, сонцето почнуваше да се спушта зад ридот, а јас го имав античкиот град само за себе. Немаше друг турист на повидок. Седнав во античкиот театар и почнав да пишувам во мојот дневник инспириран од опкружувањето. Нема многу места на светот каде што можете да го правите тоа. Ако Хераклеја Линкестис беше некаде по должината на јадранскиот брег, би вриела од туристи – раскажува Шерифи.

Според него, секој човек патува на различен начин – некои претпочитаат да престојуваат подолго во некоја земја и да видат и доживеат што повеќе во неа, а други брзајќи ги посетуваат само најважните работи.

– Без оглед на вашата причина за патување, с` додека патувате и с` додека уживате, тоа е она што е важно. За тоа пишувам многу во мојата книга. Иако звучи како необичен совет, колку повеќе стареам и колку повеќе патувам, с` повеќе увидувам дека парите не се толку важни колку што мислиме. Kога почнав да патувам, правев с` да не го пречекорам буџетот, па испуштив многу неповторливи атракции и искуства што сметав дека чинат повеќе пари. Сега сметам дека е важно да имате буџетен план, но исто толку е важно да си овозможите да го пречекорите за да не пропуштите нешто за што ќе жалите. По с`, парите повторно ќе ги заработите, но можеби нема да имате повторно шанса да се вратите во истата земја – објаснува Шерифи.

Тој пред извесно време ја отвори интернет-страницата A Brit and A Broad. Станува збор за уникатен видеоблог за приближување на културите и земјите кон неговите читатели.

- Реклама -