Дубаи објави дека планира да го гради првиот затворен град во светот, со подвижен стаклен покрив и сопствена клима. Градот ќе се простира на површина од 450 хектари, а во негов склоп ќе биде изграден и најголемиот шопинг-центар на планетата.
Ќе се вика „Центар на Светот“, а ќе има повеќе од 100 хотели и станбени згради со послуга. Шопинг-центарот ќе се протега на 750.000 метри квадратни, а ќе има и театарска област во стилот на Бродвеј, како и „област за прослава“ во стилот на Ла Рамбла во Барселона.
Целата работа можеби изгледа непотребна и претерана, но не е тешко да се претпостави дека и останатите светски градови ќе се обидат да го следат примерот и да го воведат како норма. Во тој случај, Дубаи ќе биде добра можност да ѕирнеме во иднината на градскиот живот. Погодностите што ги нуди контролираната клима се едноставно преголем плус за да бидат игнорирани. Замислете – град со најпогодна температура, прекрасно време, без снег, без дожд, без жештина, град полн со атракции и секакви добра на дофат, во кој сите се задоволни – и населението, и туристите, и корпорациите. Совршено место за живот и за трошење пари.