Трговскиот центар е напуштен уште од 1999-тата година, кога изгорел во масовен пожар, за кој се верува дека бил подметнат од бизнис-конкурент. Од 4-катниот гламур на центарот, останати се само рушевини со изгорен покрив. Барем така мислеа жителите на Бангкок (со исклучок на неколку, што мудро молчеле), до неодамна.
Но, кој би знаел дека тука на големо замешала прсти природата, и дека крие големо изненадување за оние што секојдневно, крајно рамнодушни минуваат крај зградата? Станува збор за риби. Многу, многу риби. Благодарение на изгорениот кров, првиот кат е исполнет со вода, како да е базен. Гласините се дека некој од локалните, уште пред 10-тина години, пуштил неколку риби во тогашната бара, со цел да се справи со големата наезда на комарци, привлечени од новонастанатото мочуриште. Денес, трговскиот изгледа како вистинско мрестилиште за риби.
Привлечен од портата со табла „Забранет влез“, љубопитниот авантурист и светски патник – Џеси Роквел, ја открил тајната на напуштената градба, а доживувањето го документирал со фотографии, кои сега стојат на неговиот блог „A Taste of the Road“.
Погледнете: