Писмо од читателка: За настаните во Ѓорче

Почитувани 365, добив искрена желба да го споделам со јавноста моето мислење во врска со последните трагични случувања во земјава, се надевам дека без разлика на вашиот став на оваа тема, истото ќе биде споделено со вашата публика.

Камења, солзавци, вресоци, тензија, страв, сценарија и повторно страв. Сето тоа се случува во мојот град и во мојата населба.

Откако почина Ангел, во најубавите години од неговиот живот, сите сме во жалост.

Мајка сум, ме боли што гледам, а не можам ни да замислам како боли да го изгубиш своето и тоа толку неправедно. Слушнав дека убиецот  е фатен и во моментов се наоѓа во притвор, што значи дека правдата ќе биде задоволена. Сепак, фактот што убиецот по етничка припаднот бил Албанец нема да помогне да се намали  болката на неговите најблиски.

Навистина протестот и јавното изразување на револт е начин државата да сфати дека народот од неа очекува заштита, но и казна, голема казна онаму каде што настанала штетата. Лошото е кога целиот тој гнев прераснува во етничка омраза од која не е лесно потоа да се вратиме во соживот, но верувам дека нема да дојде до тоа. При целата здрава свест не можам да кажам „Сите се исти “, затоа што тогаш треба да му судам и на мојот комшија кај кој што пазарам секое утро леб, на мојот омилен колега од факултет, на мојата колешка која што ја засмејува целата канцеларија, на дуќанџиите во мојата најомилена чаршија…

Која е разликата ако знам дека белецот силувал црнкиња, Албанец убил Македонец, геј ограбил златара, кога сепак некој силувал, убил и ограбил. И без тоа ќе постои црната хроника, затоа што сме проклети луѓе, а меѓу нас има секакви.

Зарем е потребно да ни дојде некоја поплава, па после како Босанците и Србите да се сетиме дека делиме иста земја и иста судбина, која за миг може да исчезне?

Пишувам со вознемиреност и страв додека ги гледам моите деца како спијат. Плачам  за нив, живеам за нив и се борам за нив.

За крај само би додала дека не постои убиец што може да се оправда, исто како што нема омраза која што ќе не направи посреќни.

Моето име и потекло не е важно.

Јас сум МАЈКА.

- Реклама -