Вчера во Њујорк беше отворено првото кафуле за мачки. Љубителите на овие домашни миленици имаат уште два дена да бидат дел од акцијата која ја спроведе креативниот тим на „Purina One“ во соработка со „North Shore Animal League“, најпознатата организација за заштита на животните.
Станува збор за привремен дом чија цел и идеја е на организиран начин да се најдат сопственици за овие мачиња, идеја која иако долго време беше планирана и во Европа и Азија, сепак, прво се спроведе токму во Америка. Закажано е отворање во текот на годинава на уште две вакви кафулиња во Сан Франциско.
Концептот е едноставен. Влегувате, нарачувате кафе или колачиња и се дружите со некоја од шеснаесетте мачки. Доколку некоја посебно ви се допадне, добредојдени сте да ја посвоите. Акцијата трае до 27 април. Со оглед на тоа што капацитетот на кафулето е лимитиран на само 65 луѓе, голем број љубители на мачиња чекаат во ред за да влезат.