Раперите DOG EAT DOG доаѓаат во Скопје

Американскиот кросовер бенд DOG EAT DOG, на 15 мај ќе одржи концерт во Скопје,  во рамки на својата пролетна турнеја за 2014 година. Групата  ќе настапи  во Младинскиот Културен Центар во Скопје.

Тие досега имале еден настап во Македонија, во 1995 година,  во рамки на „Т Фестивал“ во Скопје.

Наскоро ќе бидат објавени повеќе информации за концертот и влезниците, најавува организаторот.

Dog Eat Dog е американски бенд од Њу Џерси, основан во 1990 година кога беше дел од хардкор музичката сцена на Њујорк и Њу Џерси. Со членови кои денес живеат во Њу Џерси, Вашингтон и Европа, бендот за себе вели дека е базиран на сите три локации. Dog Eat Dog беше еден од првите бендови кои почнаа да комбинираат хардкор и рап, стил кој подоцна прерасна во стандарден музички израз. Групата постигна комерцијален успех со сингловите како “No Fronts”, “Expect The Unexpected” и “Who’s The King” – кои го покажуваат токму нивниот уникатен спој на хардкор, рап и саксофон. Од нивниот прв албум па сe до денес, а особено во последната декада звукот на бендот еволуираше до вклучување на елементи од фанк, ска и хип хоп музиката.

Dog Eat Dog до сега има објавено четири студиски албуми, од кои првиот „All Boro Kings“ се појави во 1994 годна. Албумот и хитовите кои тој ги претстави, на Dog Eat Dog им го донесе првиот комерцијален успех, кој резултираше и со освојување на наградата за најдобар нов артист на музичкиот канал „Ем-ти-ви“ во 1995, победувајќи ги во категоријата артистите како Alanis Morisette, Portishead и Weezer.

- Реклама -