По нивниот конфликт, стана јасно дека најдобрите двајца англиски централни дефанзивци нема да можат да играат во тандем. Селекторот Рој Хоџсон ја разрешил дилемата, пред денешното објавување на списокот на патници за Полска и Украина.
Рио Фердинанд нема да биде дел од англиската репрезентација на ЕП 2012 поради неговиот конфилкт со Џон Тери. Новиот англиски селектор Рој Хоџсон денеска ќе го објави списокот на патници за Полска и Украина, а на него нема да има место за искусниот дефанзивец на Манчестер Јунајтед. На Хоџсон јасно му било ставено до знаење дека двајцата најдобри дефанзивци нема да можат да играат еден покрај друг поради несогласувањата откако Тери расистички го навредуваше братот на Фердинанд, Антон.
Иако претходно се најавуваше дека Тери ќе биде фудбалерот што ќе „извиси“, Хоџсон го сменил својот став откако разговарал со двајцата играчи. Имено, капитенот на Челзи ставил до знаење дека не би имал никаков проблем да игра со Фердинанд, додека ставот на фудбалерот на Манчестер Јунајтед бил сосема спротивен, при што Фердинанд не сакал ни да ја разгледа можноста за помирување со Тери. Токму ваквиот однос на искусниот дефанзивец го разочарал Хоџсон, кој се надевал на поголема лојалност кон националниот тим.
Откако побарал неколку дена за добро да размисли на оваа тема, новиот англиски селектор се решил целосно да го избрише Фердинанд од својот список, одлука што ќе биде обелоденета на денешната прес-конференција. Партнер на Тери во одбранбената линија на Англија ќе му биде соиграчот од Челзи, Гери Кејхил, додека улогата на прва резерва во таборот на „Гордиот албион“ ќе му биде доделена на младиот Фил Џонс.
Енди Керол би требало да добие шанса на ЕП 2012, особено откако Питер Крауч не се најде на списокот на Хоџсон, а Вејн Руни поради суспензија ќе ги пропушти првите две средби од групата. Покрај Крауч, меѓу патниците за Полска и Украина ќе нема место ниту за повредениот Вокер, како и за десниот бек на Манчестер Сити, Мика Ричардс.
Објавено во соработка со Екипа.