Зошто Азијците јадат со стапчиња?

Првите верзии на стапчињата за јадење датираат, грубо, од пред околу 4-5 илјади години, а се појавиле во Кина. Првичната намена им била за готвење (перфектни се за мешање и манипулација на храната во длабоки садови со жешка вода), а како кујнски прибор за јадење почнале да се користат околу 500-400 година од нашата ера.

Но, зошто Азијците одбрале да користат ваков незгоден прибор?

Еден од факторите е тоа што на Кина и се случил популациски бум. Следствено, ресурсите, меѓу кои и оние за готвење, станале екстремно ретки. Како резултат, луѓето почнале да ја сечат храната на помали делчиња, за да се зготви побрзо. Зготвената храна во големина на просечен залак, придонела ножевите да станат излишни, додека од друга страна, била сосема погодна за јадење со стапчиња. Дополнително, тие биле направени од ефтини материјали, па тоа било сосема доволно за да се роди еден ваков тренд.

Истиснувањето на ножевите од кујната се должи и на учењето на Конфучие, кој бил вегетаријанец. Тој сметал дека ножевите не се прифатливи и соодветни, или поточно:

„Чесниот и искрен човек се држи настрана и од кланицата и од кујната. И тој не дозволува ножеви на неговата маса“.

Делумно и поради ова учење, се смета дека кинеските стапчиња се традиционално тапи на врвот и дека се лош избор за боцкање на храна, во однос на вилушката.

Во следните 100 години, трендот се раширил и кај другите азиски земји, како Јапонија, Кореја и Виетнам. На почеток, стапчињата во Јапонија се користеле стриктно за религиозни церемонии, но како и да е, тие остануваат примарен прибор за јадење се до денешен ден.

111218_chinese_child_eating_chopsticks_one_eye_IMG_2964

Дали стапчињата се навистина незгодни за да се јаде со нив?

Ние, на Запад, често се прашуваме зошто некој би избрал кујнски прибор со кој е тешко да ја уловите храната. Вистината е дека Истокот и Западот јадат поинаква храна. Во Азија, најголемиот дел од оризот е со мала или средна големина на зрното и е особено леплив и густ, па лесно се лепи во грутки и се манипулира со стапчињата. На Запад, пак, оризот е со големо зрно (и често е високо-процесирано), а кога ќе се зготви станува „попуфкасто“, поиндивидуално и потешко за неиспраксираната рака да го улови со стапчиња.

Бонус:

Додека традиционалните стапчиња се направени од ефтини материјали, како бамбусот, некои од подоцнежните верзии на стапчињата биле направени од сребро, особено во времињата на кинеските династии. Зошто? За да се заштитат големците од труење, а во основа на праксата стои мислењето (тогаш) дека среброто поцрнува ако дојде во допир со смртоносни отрови. За жал, тоа не е воопшто вистинито – среброто не потемнува во контакт со цијанид или арсеник, но дефинитивно може да ја смени бојата во контакт со лук, кромид или расипани јајца (сите од нив ослободуваат хидроген сулфид, кој реагира со среброто и предизвикува промена на бојата).

- Реклама -