
Од ДОМ велат дека Македонија веќе има законски механизам за тројно и петкратно оданочување на празните станови, но дека тој не се применува. Партијата бара итно спроведување на постојната законска регулатива.
Согласно Законот за даноците на имот, за стан во кој сопственикот живее се плаќа ефективна даночна стапка од 0,05 проценти. За стан што стои празен и не се издава подолго од шест месеци во текот на годината важи три пати повисок данок, односно 0,30 проценти.
Доколку сопственикот не пријави дека станот не се користи, законот предвидува даночна стапка од 0,50 проценти, а истата петкратна стапка важи и за неискористени државни и општински објекти.
Од ДОМ наведуваат дека во пракса речиси никој не го плаќа овој данок. Според партијата, општините и централната власт не ги вкрстуваат податоците за пријавено живеалиште и договорите за закуп со потрошувачката на електрична енергија и вода, а институциите не го спроведуваат петкратниот данок врз сопствениот празен станбен и деловен фонд.
ДОМ посочува дека Хрватска во 2026 година вовела задолжителен данок на празни станови со дигитално вкрстување на државните бази на податоци и јасни рокови, со цел да се обесхрабри шпекулацијата со недвижности и празните станови да се вратат на пазарот за долгорочно живеење.
Партијата бара општините и Управата за јавни приходи веднаш да ги вкрстат податоците за пријавено живеалиште и официјалните договори за закуп со потрошувачката на струја и вода, за да се утврди реалниот број на празни станови. Бара и целосна примена на трикратната и петкратната даночна стапка за долгорочно празните станови.
Од ДОМ предлагаат приходите од повисокиот данок за празни станови да се насочуваат во Фондот за достапно домување и за субвенционирање кирии на млади лица и млади брачни парови. Партијата бара и јавно објавување на празните државни и општински станови и објекти, како и нивно ставање во функција за поволен закуп.
Меѓу предлозите е и даночно ослободување за сопствениците кои празниот стан ќе го издадат на млади лица со пријавен договор од најмалку 10 до 12 месеци, по достапна и регулирана цена.
„Државата не може да глуми грижа за младите преку субвенции што завршуваат кај градежните инвеститори, додека истовремено ги толерира празните станови и сопствените закони ги држи во фиока. Решението за станбената криза не е во бетонизација на секоја слободна парцела, туку во праведна даночна политика што ќе ги отвори вратите на илјадниците празни домови“, велат од ДОМ.




