Сомалија ќе се послужи со помошта од американските тајни служби за да ги обучи локалните власти како да идентификуваат фалсификувани банкноти – проблем кој во Сомалија треба што побрзо да се реши, бидејќи постојат сомневања дека околу 98% од националната валута е фалсификат.
Обуката ќе се одржи во Најроби, Кенија, во февруари годинава, за време на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, посочува Мохамед Ел Хаџ – шефот на мисијата на ММФ во Сомалија.
Земјата се надева дека со помош на ММФ ќе успее наскоро да ја преземе контролата над сопствената валута. За прв пат по 25 години, Сомалија ќе испечати свои национални пари. Во меѓувреме тоа не се случуваше како последица на крвавата граѓанска војна што ја зафати земјата. Според зборовите на Ел Хаџ, „новиот шилинг ќе биде пуштен во оптек со високо ниво на безбедност“.
И покрај сè, процесот на пуштање во оптек на новите пари не е толку едноставен. Ел Хаџ вели дека ММФ има 24 барања „поврзани со оперативната и легалната рамка“ околу претставувањето на новата валута, што меѓу другото и ќе ѝ помогнат на Сомалија за „да ги посочи неправилностите во својата економија“. Парите ќе се најдат во оптек дури кога сите барања ќе бидат исполнети.
Сомалискиот Шилинг е третиот најкористен метод за плаќање во земјата, зад американскиот долар и мобилното плаќање. Централната банка на Сомалија нема контрола над девизниот курс на размена и над монетарната политика. Според зборовите на Ел Хаџ, институциите се во процес на обновување.
„Сомалија и во блиска иднина ќе продолжи да биде економија што се потпира на долари“, вели шефот на ММФ во земјата. Според него, новите пари ќе бидат пуштани во оптек во неколку фази – во првиот круг ќе се реализираат само банкноти од само 1000 шилинзи (околу 0.05 долари).
Сомалија избра нов претседател минатиот месец – Мохамед Абдулахи Мохамед. Земјата е една од најсиромашните во светот. Според податоците на Светската банка, бруто домашниот производ по глава на жител е 549.30 долари кон крајот на 2015 година. Според податоците на Transparency International, Сомалија е прва на листата на земји со најголема корупција.