Чоколаден сон: Киндер торта (Рецепт)

Чоколадната торта Киндер посебно ќе ги израдува најмалите, но и за постарите е совршен избор. Чоколадо, чоколадо и чоколадо е тоа што ќе го вкусите ако решите да го направите овој десерт.

Состојки:

Тесто: 6 јајца, 80гр шеќер, 6 лажици топла вода, прстофат сол, 120гр брашно, 30гр какао, 1 кесичка прашок за пециво.

Прелив: 10 лажици чоколаден прелив

Крем: 1л хопла, 2 кесички ванилин шеќер, 3 лажици шеќер, 3 лажици мед, 1 кесичка желатин во прав

Фил: 100г чоколадо за готвење, 50г путер, 1 лажица зејтин, 50мл вода

Глазура: 100г чоколадо за готвење, 50 грама путер, 1 лажица какао

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 175 степени. Калапот за торта обложете го со хартија за печење.

Тесто: Одвојте ги белките од жолчките. Брашното, какаото и прашокот за пециво измешајте ги. Белките заедно со малку сол сматете ги во цврста смеса. Жолчките заедно со шеќерот и топлата вода убаво измешајте ги, околу 2 до 3 минути.

На жолчките додајте мешавина од брашно и 1/3 од снегот од белки и со мискер на најмала брзина кратко измешајте. Потоа додајте го остатокот од белките и убаво измешајте со лопатка, не со миксер. Тестото излејте го во калапот, убаво израмнете го и печете околу 40 минути.

Печеното тесто оставете го да се олади. Пресечете го за да добиете два теста и долниот дел ставете го на чинија, а околу него обрачот од калапот. Тестото прелијте го со пет лажици чоколаден прелив и половина од кремот.

Крем: Желатинот во прав помешајте го со 6 лажици студена вода и оставете го да набубри. Во меѓувреме слатката хопла заедно со ванилиниот шеќер, шеќерот и медот цврсто сматете ги. Желатинот стопете го на умерена топлина. Додајте четири лажици од смесата со мед и шеќер, добро измешајте и полека сипувајте го во остатокот од смесата непрекинато мешајќи.

Фил: Ситно изрендајте го чоколадото. Путерот и водата добро загрејте ги. Тргнете ги од оган, додајте го чоколадото и продолжете да мешате се додека чоколадото не се стопи. Оставете смесата да се олади. Потоа филот сипете го врз кремот и оставете ја тортата околу 10 минути во фрижидер. Извадете ја од фрижидер и премачкајте ја со остатокот од кремот. Врз него ставете го останатиот дел од тестото и прелијте го со пет лажици чоколаден прелив.

Глазура: Ситно изрендајте го чоколадото. Путерот и какаото измешајте ги и загрејте ги на оган. Кога ќе ги тргнете од оган, додајте го чоколадото и мешајте додека не се стопи. Со глазура прелијте ја тортата и оставете ја цела ноќ во фрижидер.

Наредниот ден со нож натопен во топла вода внимателно одвојте го обрачот од калапот од тортата и украсете ја по желба.

Добар апетит!

- Реклама -