Македонија конечно со 4G мрежна покриеност

Трите мобилни оператори, Т-мобиле, ВИП и ОНЕ, ќе добијат одобренија за користење радиофреквенции од четвртата генерација на мобилни комуникациски услуги.

По уплатата на еднократниот надоместок во висина од 10.300.000 евра, операторите ќе добијат одобренија за 4G мрежата.

Компаниите беа избрани вчера на јавно наддавање во Агенцијата за електронски комуникации за доделување три одобренија за користење радиофреквенции од радиофреквенцискиот опсег 790-862 МHz и 1710-1880 МHz. Со додeлувањето на фреквенции од 4G, АЕК очекува поголеми брзини на мобилниот широкопојасен интернет, пониски цени, воведување на иновативни решенија за мобилни апликации, нови инвестиции и подобра покриеност.

Во еден конкурентен пазар како овој Агенцијата очекува за брзо време услугите од четвртата генерација на мобилни комуникациски услуги да бидат достапни и поволни за сите корисници во Република Македонија. Новите мрежи ќе создадат дополнителни поволности за економски развој на сите гранки од македонското стопанство, со што ќе се зголеми и конкурентноста на македонските компании на меѓународен пазар, велат од АЕК.

Текстот е објавен во соработка со telefoni.com.mk

- Реклама -