На 8 јули 1908 година, на средба во Париз, демонстрирана е кинемаколор – првата успешна техника за правење на филмови во боја, која активно се користеше во периодот од 1908 до 1914 година. Пронајдокот му припаѓа на Џорџ Алберт Смит од Брајтон, Англија (1906 година). Техниката на Смит е двобојна, со додавање на боја преку фотографирање и проекција на црно-бел филм зад наизменичен црвен и цијанов (сино-зелен) филтер.
1908 година? Толку рано? Дури и во 1930-тите, повеќето филмови се црно-бели. Одвреме-навреме ќе се појавел и некој хит во боја, како „Одвеано од виорот“, но сепак, дури и во 40-тите „бојата“ се користи само во високобуџетните филмови. Навистина ли имало филмови во боја уште пред повеќе од еден век?
И да и не.
Британскиот пронаоѓач Едвард Тарнер го добива патентот за процес на обработка на филмот со три бои – во 1899 година. Сепак, системот не работел нешто посебно добро. Во 1901 година тој ќе побара помош од Чарлс Урбан – експатриран Американец, кој веќе бил влијателно лице во британската филмска индустрија. За жал, набрзо Тарнер умира, а на негово место, Урбан ќе го вклучи Алберт Смит во проектот.
По многу експериментирање, Урбан и Смит решаваат да користат само две бои, за да ги намалат потешкотиите од техничка природа. По бројните тестирања на различни начини на снимање низ два филтера во боја и истовремена репродукција на двете слики, било пронајдено следново решение: филмот во камерата се придвижува со двапати поголема брзина од вообичаената (32 наместо 16 кадри во секунда), а меѓу објективот и филмот е поставен ротирачки двобоен филтер. Така се добивале наизменични кадри што го регистрирале црвениот односно зелениот/синозелениот дел од спектарот. Поради ниската сензитивност на обичната фотографска емулзија на црвено светло, филмовите претходно морале да бидат хемиски обработени, за да се зголеми сензитивноста и кон црвената боја.
Технологијата/техниката која Урбан ја претставува во Париз во 1909 година имала куп недостатоци. Во најмала рака, требало да си одличен кинематограф, за да успееш да го синхронизираш ротирачкиот колор филтер со објективот. Притоа Урбан морал да води и куп правни битки поврзани со патентот. Капак на сé, малку подоцна започнува и Првата светска војна, која освен што ќе ја поплави Европа во крв, ќе ја опустоши и европската економија.
Во меѓувреме, кинемаколор не успева широко да навлезе во САД, особено што таму во 1916 е измислен значително поусовршен процес на снимање на колор филмови – техниколор.