75-годишниот претседател на Уганда правеше склекови за да ги охрабри луѓето да вежбаат дома, а не надвор (ВИДЕО)

Додека лидерите ширум светот преку прес-конференции и видео обраќања ги охрабруваат граѓаните да останат дома, 75-годишниот претседател на Уганда – Јовери Мусевени, има поинаков пристап – да предводи со свој личен пример.

Во желба да ги задржи луѓето дома за да се спречи ширењето на Ковид-19, Мусевени на Твитер објави видео на кое трча и прави склекови во својата канцеларија, додека глас во позадина брои до 30.

„Вчера апелирав до луѓето кои џогираат во групи, изложувајќи се на pизик во време на пандемија на Ковид-19. Не морате да одите надвор за да вежбате. Еве ја мојата демонстрација како можете да вежбате дома и да бидете безбедни“, напиша Мусевени.

Во Уганда, како и во најголемиот дел земји низ светот, воведен е полициски час и се затворени училиштата. Јавните собири, конференциите и групните верски молитви се забранети.

Досега во земјата се забележани 53 потврдени случаи на коронавирус, според податоците на универзитетот „Џон Хопкинс“ и Министерството за здравство на Уганда.

 

- Реклама -