600 гаранции дека ќе си поминете супер на МАРИОВО ОФФ-РОУД 2018 (11 до 13 мај)

Од 11 до 13 мај ќе се одржи седмото по ред издание на аутдор фестивалот MARIOVO OFF-ROAD EXPERIENCE 2018.

И оваа година организаторите од здружението ВЕЛОЕВРОПА најавуваат атрактивни содржини и новитети. Повторно ги најавуваат досегашните спортски дисциплини како планински велосипедизам, планинарење, планинско трчање, аеробик, болдеринг, спелеологија, а за прв пат оваа година на нивниот фестивал ќе се прави обиколка со теренски возила, активност организирана од оф роуд клубот 4х4.mk.

За оваа година не се предвидени стартни пакети како претходните години, сé со цел да се соберат повеќе средства кои што ќе бидат донирани во хуманитарни цели за закрепнување на нашиот пријател Ѓоко Коколански, кој што во моментов се рехабилитира од последиците на мозочниот удар пред 8 месеци. Влезниците во вид на донации ќе се собираат на влезот на кампот.

Според програмата гостите се очекува да пристигнат во петок попладне или сабота сабајле кога и започнуваат активностите.

Двете велосипедски тури се закажани за сабота со почеток во 10 часот кај манастирот Свети Илија (на сликата горе), село Мелница. После пристигнувањето на велосипедистите ќе се подели ручек за учесниците и ќе следува акустичен мини концерт на еден македонски еминентен кант автор. Целта ни е да ја избегнеме гласната музика и гужвите од претходните години, но целиот настан да помине во една помирна и поинтимна атмосфера која што доликува на прекрасното Мариово.

Неделата е резервирана за планинарите и планинските тркачи. Во организација на планинарското друштво Тренасеврзалец ќе биде изведено репризно искачување на врвот Висока на 1741 мнв на Селечка планина и при тоа ќе се посетат античкиот град Пелагон, две антички македонски гробници и селото Бонче. За оваа активност се очекуваат околу 50 гости кои што утрото ќе пристигнат директно од Скопје. Стартото на планинарската тура е во 9 часот на местото Писокал. Планинското трчање исто така ќе биде изведено по околните ридови во Мариово, а воедно дента ќе се практикуваат и останатите спортови по избор на учесниците.

Во склоп на планираните активности организаторите ќе ангажираат професионални туристички водичи и техничка поддршка, но сепак апелираат до учесниците да бидат крајно претпазливи и грижливи за својата безбедност и за безбедноста на другите учесници. Активностите ќе се изведуваат по уредно обележани и исчистени патишта и патеки, но сепак апелираат гостите да се придржуваат до правилата и условите што ги нуди теренот. Мариово е прекрасен предел, но знае да биде и многу суров. Затоа, да не го предизвикуваме, туку да се ставиме во состојба на уживање. Ѕирнете во видеава од претходните години како отприлика тоа изгледа:

КОНТАКТ и повеќе ИНФО:
Касандар Македонски
https://www.facebook.com/…

Патем…

Мариово е првиот од серијата фестивали на отворено што ќе доаѓаат во следниот период. Потоа следат Прв до врв во Скопје, Азот, авантурите на Осогово, Алшар, мавровскиот маратон, прекрасната Тур де Галичица, Шарски води, Мистериите на Беласица и продолжуваат во август со Крушево низ корија и Плачковица.

- Реклама -