На меѓународниот фестивал на шлагери и староградски песни „Пеј срце“, што викендов ќе се одржи во бугарскиот град Ќустендил, ќе се поставува Гинисов рекорд во хорска изведба на македонските песни „Ако умрам ил загинам“ од Јонче Христовски и „Ој ти пиле, славеј пиле“.
Шеесет градски хорови со 800 учесници од Македонија, Србија и Бугарија заеднички ќе ги пеат двете песни, што ќе биде следено од посебна комисија на Гинис. Македонија ќе учествува со градските хорови од Свети Николе, Радовиш, Велес, Гевгелија, Богданци, Кратово и Штип, кој ќе биде претставен со два хора, „Градски хор“ и „Распеани штипјани“.
„Дојдовме на ваква идеја затоа што нешто сличнo се случуваше и лани, кога хоровите пееја две бугарски песни. Годинава се договоривме да бидат македонски песни. Македонските хорови ќе учествуваат и на натпреварот за избор на најдобар хор на фестивалот. Секој хор ќе настапи со три песни“, вели раководителот на „Распеани штипјани“, Донче Караколев.
Извор: СДК.мк