Сите нешта – вие, луѓето околу вас, вашата канцеларија, вашиот автомобил… сé во овој неверојатно обемен универзум – е речиси целосно празен простор.
Нема да измислуваме топла вода, ама ајде да направиме една мала ментална вежба.
Големината на еден атом се утврдува од просечната распределба на електроните во него: од тоа колку простор има меѓу јадрото и безформената надворешна обвивка на атомот.
Јадрата се приближно 100.000 пати помали од атомите во кои се наоѓаат.
Ако, за пример, едно јадро е големо колку ф’стак, атомот ќе биде голем колку бејзбол стадион. Ако се ослободиме од целиот тој празен простор во нашите атоми, секој од нас би го собрало во едно зрно прашинка, а целата човечка цивилизација – во коцка шеќер.
Од каде тогаш доаѓа целата таа маса?
Од енергијата! Се разбира, во основа сите ние сме изградени од атоми, кои се составени од електрони, протони и неутрони. На уште поелементарно ниво, овие протони и неутрони, кои се заслужни за најголемиот дел од нашата маса, се изградени од трио од фундаментални честички – наречени кваркови. А сепак, масата на овие кваркови придонесува за само мал дел од масата на протоните и неутроните. Глуоните пак, кои ги држат кварковите заедно, немаат маса.
Многу од научниците се на мислење дека речиси целата маса во нашите тела е последица од кинетичката енергија на кварковите и поврзувачката енергија на глуоните.
Соодветно – ако сите овие атоми во универзумот се речиси целосно празни, зошто објектите изгледаат цврсти?
Идејата за празни атоми кои се меѓусебно поврзани и формираат тела, како што се зградите и дрвјата околу нас, може и да е малку збунувачка.
Ако нашите атоми се скоро целосно празни, зошто не можеме да минуваме низ објектите како духови? Зошто нашите автомобили не пропаѓаат во патиштата низ центарот на Земјата, и не завршуваат од другата нејзина страна? Зошто нашите раце не поминуваат низ раката на тој со кого се поздравуваме?
Клучот е во тоа што точно се подразбира под „празен простор“. Зашто, како што се покажува, просторот никогаш не е целосно празен. Всушност, прилично е исполнет со доста интересни нешта, меѓу кои и бранови функции и невидливи квантни полиња.
На празниот простор гледајте како на електричен вентилатор со ротирачки перки. Кога вентилаторот не работи, гледате дека голем дел од местото меѓу перките е празно, и можете безгрижно да ја проверете раката низ нив. Ама кога вентилаторот работи, нештата се менуваат. Ако сте доволно глупави да проврете прсти во тој „празен простор“, можно е и да останете без нив.
Технички гледано, електроните немаат волумен. Тие сепак поседуваат нешто што се нарекува бранова функција. Таа го окупира поголемиот дел од атомот. А бидејќи квантната механика сака да е чудна и збунувачка, безобемните електрони некако успеваат да бидат истовремено насекаде во овој простор. Тие се како перките на вентилаторот, и така движејќи се низ атомот го окупираат местото со помош на нивните бранови функции.
Никогаш ништо не сте допреле
Седите удобно додека го читате ова? Всушност, вашиот задник не го допира седиштето на столот. Бидејќи основата на атомот се крие во јадрото, кога нешто „допираме“, ние не допираме до неговите атоми. Технички, вие лебдите над столот.
Тоа што го чувствуваме пак, е електромагнетната сила на нашите и туѓите електрони.
* * *
Значи, нашето тело е претежно празен простор кој се наоѓа на една претежно празна планета, во еден претежно празен универзум. Па вие сега видете колку е важно да имате скап автомобил.