Рекорди од Оскарите

Како што се приближува церемонијата на доделувањето на најпрестижните филмски награди во Холивуд, Оскар, на 24 февруари, еве еден приказ на рекордите од оваа манифестација.

Според податоците на американската филмска академија, актерот Џек Николсон е номиниран дури 12 пати за оваа престижна награда – осум пати во категоријата за најдобар актер и четири пати во категоријата за најдобра споредна улога, а во кариерата освоил три Оскари, два за главна (1976 и 1998) и еден за споредна улога (1984).

Актерот Волтер Бренан има освоено три статуетки за најдобра споредна улога (1937, 1939 и 1941).

Актерката Мерил Стрип е номинирана 14 пати за најдобра актерка и три пати за најдобра споредна улога, а актерката Кетрин Хепберн има освоено четири Оскари за најдобра актерка (1934,1968,1969 и 1982).

Експертот за звук Марк Бергер го држи рекордот во номинациите во категоријата звучни ефекти. Тој е номиниран четири пати и сите четири пати добил Оскар.

Најкраткиот говор на Оскарите го одржал актерот Џо Пеши кога добил Оскар за филмот „Добри момци“ во 1991 година, а говорот му траел три секунди.

[youtube]http://youtu.be/O0Q_nyjuEak[/youtube]

Најдолг говор, пак, одржала англиската актерка Грир Гарсон, на доделувањето во 1942 година кога освоила Оскар за најдобра актерка во филмот „Мрс Минивер“ а говорот ѝ траел пет минути и 30 секунди.

Овогодишната церемонија на доделувањето на Оскарите ќе се одржи 85. пат на 24 февруари во театарот Долби во Лос Анџелес, а оваа година драмата на Стивен Спилберг „Линколн“ има рекорден број номинации, дури 12 вклучувајќи ја и онаа за најдобар филм.

- Реклама -