5 причини никогаш да не разговараш со своето дете околу сексот

Намерно слика со сепија ефект. Зашто не сме ’52-ра.

Имав околу 5 години, а со татко ми разгледувавме една илустрирана енциклопедија за инсектите. Одеднаш налетавме на илустрација од два скакулца, испреплетени еден со друг во некаква сложена поза. Со треперлива рака татко ми побрза да ја сврти страницата, но се разбира, веќе беше доцна за такво нешто и прашањето „Тато, што прават овие скакулци?“ осамна како сомнителна напуштена торба на прометен аеродром.

Можам да си замислам колку му беше тешко на кутриот ми татко – неделно навидум невино утро, посветено на едукативна занимација со ќерката, а одеднаш, ко гром од ведро небо – ПРАШАЊЕТО. Пулсот му се засилува, пред очите му избиваат темни дамки, две капки пот му течат по челото, а во себе вреска „КАДЕПОЃАВОЛИТЕЕСЕГАМАЈКАТИ?!“. Сепак, браво за смиреноста, успева криво-лево да ми објасни дека тие скакулци „прават љубов“. Навидум објаснувањето е доволно во моментот, бидејќи веќе не ја начнувам темата.

Со огромно олеснување татко ми ја погребува случката во некое ковчеже на свеста со етикета „Нешта кои се преправам дека не се случиле“. Всушност, во моето семејство таа тема никогаш не се покренува. Ниту од моите родители, ниту од добронамерната ми баба. Но децата не се ни половично толку глупави колку што претпоставуваат возрасните; таа илустрација со скакулци беше доволна за да ми оформи во свеста неколку генерални заклучоци: 1. ТОА (не знаев дека се вика „секс“) постои, 2. ТОА прави возрасните да се чувствуваат ужасно неудобно, значи сигурно е лошо, 3. ТОА е многу, многу интересно.

Така во детското мозоче ми се оформи скелетот на терминот „секс“, кој подоцна малку по малку го доизградив со противречни информации од најразлични извори.

Ви предлагам 5 причини да се чувствувате супер ако и вие сте решиле да одите по стапките на моите родители и да ги оставите децата да се самоедуцираат околу сексот со помош на најпроверениот (но можеби не и најдобриот) метод – обиди и грешки.

1. Сексот е безобразна тема

Се разбира, тоа е основната причина да не зборувате со детето по ова прашање. Токму бидејќи темата е валкана, кога детето ќе ве праша за скакулците, вие пројавувате срам. Се потите, дишите забрзано, пелтечите и ги бришете испотените дланки од ногавиците додека се молите да заѕвони фиксниот или да ви дојдат ненајавени гости (нешта што не се случиле од времето кога мобилните станаа мејнстрим) само за да се измолкнете од незгодниот момент.

Тоа што реално се случува, пак, во моментот, е што детето ви ја гледа реакцијата, и како и сите деца – кои по природа се аналитични, заклучува дека тоа е истата реакција што тоа ја има кога ќе го прашате „како се скрши вазната?!“. Детето знае дека нештата што се срамни и тешки за објаснување се лоши нешта – исто како кршењето на вазната. И воала – вашиот оправдан срам несвесно ја вгнездува во детското сознание мислата дека сексот е нешто лошо.

Ако сметате дека тоа не е доволно и сакате да помогнете во процесот, дополнително тоа можете да го постигнете ако секогаш го изговарате зборот „секс“ (и сите слични и поврзани) со шепотење и со рака на устата, или со прибегнување кон еуфемизми. Така детето ќе стане уште пољубопитно. А кога ќе реши да демонстрира дека не само што ве чуло што шепотите, туку и дека го разбира значењето на поимот – а тоа најчесто се случува пред гости, бидејќи сака да биде јавно и пред публика – ваше е да му се налутите и со намуртен израз да го испратите за казна во соба, но не пред да чуе како се правдате пред гостите дека безобразниот збор сигурно го научило во градинка. Зашто важно е сите да знаат дека во вашиот дом за секс не се зборува (инаку којзнае што ќе помислат).

2. Мало е и не разбира

Вистина е и, а и научно докажано. Децата можат да разберат одредени физиолошки процеси, како хранењето и какањето, ама се апсолутно неспособни да разберат некои други – како сексот. Зошто ли, о зошто, не го разбираат? Па, бидејќи не го прават и не им е секојдневие, би бил најлогичниот одговор. А сепак, научниците се чудат зошто тогаш децата разбираат некои други процеси што не ги доживуваат на своја кожа, како на пример дека мама оди на работа за да заработи пари, и дека кога ќе пораснат и тие ќе одат на работа. Но да се вратиме на темата – децата не разбираат. Затоа најдобро е да ги излажете дека бебињата ги носат штрковите или дека се купуваат во продавница.

Имам блиска пријателка – психијатар, која неодамна ми раскажа една приказна од работа – за мајка и дете со нервно растројство (детето има растројство, не мајката). Додека мајката му објаснувала на 8-годишниот син што се случило кога го родила, детето паднало во хистерија и се распиштело „Ти не си ме родила!!! Мене ме донел штркот!“. Тоа е затоа што кога ќе се соочат со реалноста на раѓањето, на децата понекогаш повеќе им се допаѓа идејата дека ги донел штркот. И не можам да речам дека не ги разбирам.

3. На толку порно, нема што да се мачите

Едно од најубавите нешта што можете да ги направите за своето дете е да оставите порното да му ги оформи претставите за сексот. Така гарантирано ќе допринесете ќерка ви, за да им се допаѓа на момчињата, да се стреми да се претвори во секс кукла, и притоа да падне во депресија зашто клиторисот не ѝ е доволно убав (како на тетките на екранот) и тајно да мечта е за генитална корекција уште од 12-годишна возраст.

Синот, од друга страна, ќе си изгради претстава дека сексот е интимен чин меѓу него, едно девојче, и тројца негови другарчиња. Тој, се разбира, нема да заостанува во депресијата зад ќерка ви, пред сé благодарение на спам-рекламите за зголемување на пенисот кои ќе го бомбардираат од сите насоки додека гледа порно клип.

4. Рано е

Има еден стар ама поентален виц за таткото кој решил дека е време да го седне синот и да го направат Разговорот. Седнал и рекол: „Сине, сега ќе зборуваме за сексот“. А синот одговорил: „Океј тато, што сакаш да ти објаснам?“.

Со други зборови, темата за сексот треба да се одложува. Или до последно, или до 18-годишна возраст – до кое и да се случи прво. Зашто ако го направите Разговорот премногу рано, ризикувате да го спречите едукативниот процес на порното и наместо тоа во главата на детето да ја вгнездите погрешната идеја дека сексот е нешто што го правите и вие заедно со неговиот друг родител, а не само луѓето со перфектни пениси и клиториси, без влакна и најважно – без тртки, мозолки и други кожни дефекти.

Има и друга причина. Колку порано ја наметнете темата, толку повисок е ризикот дека детето во претставата за сексот ќе го вклучи и терминот „љубов“. Се разбира, тоа не е допустливо, зашто тогаш детето може да почне да пребира сексуални партнери врз основа на некакви си чувства кои не можат да бидат корегирани со генитална хирургија, па со тоа и (не дај боже!) да остане без секс и несреќно низ целиот свој пубертет, минимум. Башка што љубовта е застарен концепт и илузија што настанува поради одредени хемиски и хормонски процеси, ништо повеќе – како што тврдат пар научници.

4а. Но, што поточно значи „рано е“?

Пред да продолжиме, неизбежно е и да се дефинира терминот „рано“. Што мислиме под „рано“? Еве една случка која јасно ги отцртува границите на „рано“ и „доцна“.

Ќерка на мој пријател, на 6 години, се жалеше дека телефонот ѝ е бавен и не отвара ова-она. Тој веднаш сфаќа дека се работи за некакви вируси и почнува темелно да го чисти. Едно води кон друго и налетува на историјата на пребарувања во пребарувачот. А таму, о, чудо! Иако девојчето е мало, не разбира, и не знае да чита, некако успеало да ја изврши супер-сложената операција да кликне на потврдата дека има над 18 години (за неупатените двајца на планетава, тоа е единственото што се бара да го направите за да влезете на повеќето порно сајтови).

Не мора да потсетуваме дека денес повеќето деца имаат смартфони на возраст меѓу 4 и 6 години, нели? Дури и да решите дека вашето дете никогаш нема да добие смартфон, за да му го ограничите пристапот до порното ќе треба не само да му го ограничите пристапот до интернет, но и до сите други деца. Зашто откритието за сексот е Големо Откритие, и ниту едно дете нема да го преќути и да го сокрие од друго дете, макар и тоа друго дете да го најде на лулашки 15 минути откако се доселило во маалото.

5. Сексот си е секс

Темата за сексот е изолирана, и нема ништо заедничко со ништо друго. Океј де, освен со сосема малку други нешта.

Еве ви пак пример од прво лице. Ја имав несреќата циклусот да ми дојде рано – на зимска екскурзија во четврто одделение. Поминав цели 3 кошмарни дена во компулсивно перење на гаќите и ужас дека нешто не е во ред со мене и дека можеби ќе умрам. Веќе знаев за сексот, бидејќи кога имав 6 години, едно комшиско дете ги најде порно касетите на татко му и организираше проекција за сите деца во населбата. Ви реков, тоа откритие никогаш не поминува несподелено. Знаев и за мензисот, но и тој како и сексот стоеше некаде во графата „нешта што мене никогаш нема да ми се случат“. Зашто сликата си ја имав составено сосема сама. Никој немаше разговарано со мене за да ми помогне да ја направам конекцијата меѓу половите органи, сексот и раѓањето деца; а во училиште уште учевме „запознавање на природата“, а не „биологија“. Тој спомен горко се врати при еден разговор во присуство на ќерката на горенаведениот пријател – девојчето со фрапантна историја на пребарување, но овој пат на 8 години. Бев 9-ти месец бремена и разговаравме дали ќе родам нормално или со царски рез. Детето наслушна и праша што е „царски рез“. Ѝ објаснив дека тоа е кога ти го вадат бебето со операција на стомакот. По секунда размислување, таа ме погледна зачудено и ме праша – „А од каде излегува бебето кога е нормално раѓање?“.

И покрај тоа што беше едуцирана од порното, таа, исто како мене пред многу години, не ја разбираше врската меѓу сексот и раѓањето деца. Зашто сексот не е изолирана тема. Тој е поврзан и со физиолошкиот развиток на вашето дете. Еден ден синот ќе ви се соочи со првата ноќна „ерупција“. Ќерка ви ќе се соочи со својот прв циклус. И сигурно ќе направи како јас тогаш – по првите стресни денови на срам и ужас ќе се посомнева дека тоа е тоа што го викаат Мензис. Тогаш ќе најде друга девојка, неколку години постара од неа, и ќе ја сослуша. Но во никој случај нема да дојде кај вас, бидејќи поради оној прв разговор за скакулците, поради упорното ваше молчење на темата, поради сите еуфемизми за „онаа работа“ на мажите и „какоидајавикате“ на жените, поради збунетите и прекорни погледи и крцкањето на прстите, ќе знае дека сексот е срамна и валкана тема. И дека и да добиеш е срамно и валкано. А ниту едно дете не сака да признае дека прави срамни и валкани работи.

… И за да го заокружиме апсурдот, ќе ви го раскажам и финалето на случката со првиот мензис. Откако споделив со поголемата другарка, таа ми ги потврди сомневањата. Немаше како да се избегне разговорот со родителите. Затоа, откако долго и напорно размислував што точно да им кажам, длабоко земав воздух, ја отворив влезната врата, и чувствувајќи се валкана и ужасно засрамена, испелтечив дека ми требаат завои. Замислете ми го изненадувањето кога двајцата скокнаа, радосно плеснаа со раце, се развикаа дека сум станала жена, и извадија шише шампањско. Потоа ми дадоа пари и ме испратија во аптека да си купам влошки. Луди ли беа луѓево? Па ако побарам влошки, аптекарката ќе знае дека и јас сум срамна и валкана! Ми требаа едно 3 часа за да го надминам стравот. Добро што постарата другарка прифати да дојде со мене за да ме охрабри. За разлика од моите родители, кои учествуваа само во наметнувањето на срамот. Не учествуваа кога дојде моментот да се соочам со истиот.

Вечерта шампањското беше отворено, па дури и ми дадоа да се напијам. Сепак, поводот беше мојата женственост. Јас пак, тогаш прв пат насетив дека женственоста и сексот можеби имаат нешто заедничко, а дека срамните и валкани нешта можат да се повод за радост. Ми требаа многу години да разберам зошто. Но на крај-краева, не е чудно – моите родители беа научени од нивните родители дека темата за сексот е безобразна тема. И како и јас во аптеката, и тие не сакаа да признаат дека ги засега. Само ете, за разлика од мене, никаква потреба од завои ги немаше принудено да се соочат со тој срам. И просто да разговараат со мене, пред да научам дека „секс“ е безобразен збор.

Mama Mia

- Реклама -