Уште пред да започнете да ја читате оваа статија, ве предупредуваме дека е многу можно да се пронајдете во неа, или пак некоја ваша драга личност, со оглед на тоа што зборуваме за модни карактеристики кои во моментов претставуваат хит. Однапред се извинуваме доколку ги повредиме вашите чувства, и се надеваме дека ќе сфатите дека станува збор за добронамерна критика која сака да ви покаже дека не секогаш е добро да се скока од тренд во тренд, како да сте на некаква бесмислена трка.
1. Машка пунџа
Кога згодни фраери како Џаред Лето, Џејк Гиленхол или Крис Хемсворт, ќе одлучат да се приклучат на овој тренд, се подразбира дека жените ќе го пофалат нивниот изглед. Едноставно, тие ќе изгледаат кул дури и доколку решат да се појават во килт. Но, ваквата фризура изгледа сосема поинаку на момче со просечен изглед и стил. Всушност, не е премногу ако се каже дека ова е „најшминкерскиот“ тренд во моментов, иако повеќето кои се одлучиле на ваква фризура имале спротивна замисла.
2. Ултра-големи часовници
Дури ниту на раката на Шварценегер ваквиот моден аксесоар не изгледа убаво. А сега, замислете на просечна рака. Едноставно, лошо. Доколку се земе во предвид цената на квалитетните часовници, и како всушност ова треба да претставува инвестиција на подолг период, ќе сфатите дека ваквиот моментален моден тренд освен што не изгледа добро, претставува и лош „бизнис“.
3. „Касандра“ ѓердан
Благодарение на модните експерименти на ѕвездите како Бијонсе и Ријана, ваквиот вид на ѓердани очигледно повторно се во мода. Нам пак, не потсетуваат на времето кога владееше „Касандра“ лудилото, а девојките го купуваа овој аксесоар од локалните пазарски тезги за нешто помалку од 50 денари. Но, не е заради цената, или пак местото на купување, проблемот е што едноставно изгледаат кичесто и евтино.
4. Ѕвонарки
Очигледно, се уште постојат луѓе на кои им се допаѓа ваквиот вид на пантолони. Во оваа група спаѓаат и Викторија Бекам и Џесика Алба, кои низ светот важат за вистински модни икони. Ние пак се надеваме дека нема да им успее обидот за заживување на ваквиот тренд, бидејќи не потсетуваат на карактерите од анимираниот филм Scooby Doo.
5. Мажи со бланширана, руса коса
Не, не и не! Постои едно одлично животно правило кое вели: „Секогаш дејствувајте спротивното од она што го прави Џастин Бибер“.