Македонија ќе одговори на предизвикот, и срце и душа на терен против Германија

Македонската ракометна репрезентација денеска со почеток од 15.45 часот го игра осминафиналниот меч на Светското Првенство што се одржува во Шпанија. Противникот е добро познат, селекцијата на Германија, која што ја немаме совладано на ниту еден официјален меч во досегашните меѓусебни дуели. Сепак, токму тоа е мотив повеќе за нашите ракометари да дадат се од себе и да стигнат до големиот триумф што ќе значи и нов историски успех – пласман меѓу најдобрите осум селекции во светот, откако избраинците на Шундовски лани стигнаа до петтото место на ЕП 2012.

„На нашата генерација не и се укажаа премногу шанси да игра на светски шампионат, но тоа е само мотив повеќе да покажеме колку вредиме и да оствариме голем успех. Германија воопшто не е наивен противник, знаеме дека е многу квалитетна селекција, но ние сме решени да дадеме се од себе и да стигнеме до победата“ – изјави Бранче Ангеловски.

Целиот вчерашен ден мина во знакот на очајните услови за патување на селекциите од групата Б, меѓу нив и на македонските ракометари, кои што нешто пред 20 часот конечно стигнаа во Барселона, видно измалетретирани од најновата одисеја што им се случи со превозот од Севилја до . РФМ официјално побара мечот да биде одложен, но во ситуација кога германското лоби е пресилно, а мечот се игра во невообичаен термин (15.45 часот) токму поради ТВ правата во Германија, јасно беше дека истото ќе биде одбиено.

Со оглед на фактот дека пристигнаа во Барселона на помалку од 20 часа пред одигрување на клучниот натпревар за историјата на македонскиот ракомет, без ниту еден одржан тренинг во салата „Сан Жорди“, јасно е дека нашите асови веќе од самиот почеток се во „минус“ во однос на Германците, кои што го играа својот последен меч во Барселона, па вчерашниот ден го минаа во релаксација и лесен тренинг во каталонската престолнина.

Сепак, Македонците како народ како да навикнаа сите работи да ги прават по потешкиот пат. Затоа, никој од нас не треба да се сомнева дека избраниците на Шундовски ќе истрчаат на теренот во „Сан Жорди“, ќе ги остават срцето и душата на терен. Ако тоа биде доволно, ќе бидат испишани нови страници во историјата на македонскиот спорт, но дури и доколку тоа не се случи, мора да се потенцира дека Лазаров, Мојсовски, Ристовски и останатите ќе останат наши херои, поради начинот на кој што ги бранеа боите на државата на овој шампионат. И покажаа како се останува сплотен и во добро и во зло.

- Реклама -