Малтретирањето продолжува, ракометарите се уште не се во Барселона

Македонската репрезентација навистина нема среќа со патувањата на овој светски шампионат. Откако се измалтретираа при пристигнувањето од Македонија до Севилја, нашите ракометари сега се соочуваат со проблем и при транспортот од Севилја до Барселона, каде што утре со почеток во 15.45 часот ќе ги одмерат силите со Германија во првото мундијалско осминафинале.

Како што веќе информиравме, невремето што зафати голем дел од Шпанија беше причина за одложување на возот со кој што нашите ракометари требаше да ја напуштат Севилја и да се упатат кон каталонската престолнина. Ситуацијата дополнително се искомпликувала откако било обелоденето дека за превоз до Барселона ќе мора најпрвин да се патува автобуски до Гранада, па оттаму да се тргне со чартер-воз кон местото на одигрување на следниот натпревар.

Според неофицијалните информации што ги добивме, македонските ракометари во 14.30 часот се подготвуваа за тргнување од Гранада кон Барселона, што е јасен доказ за големото малтретирање ако се знае дека тие уште пред девет часот го напуштија хотелот и се најдоа на Железничката станица во Севилја. Поради ваквите случувања и нарушените планови за транспорт, кој што беше организиран од страна на ИХФ, нашата експедиција официјално побарала да биде поместен терминот за одржување на тренинг.

Селекторот и ракометарите инсистираат да им биде дозволено да тренираат во салата „Сан Жорди“, во која што утре ќе ги одмерат силите со Германија. Со оглед на фактот дека целата ситуација е по вина на Светската Ракометна Федерација, која инсистираше на транспорт со воз, а не со авион, за очекување е ИХФ да излезе во пресрет на ова барање, па нашите ракометари во тек на вечерта да го одржат својот единствен тренинг пред утрешното осминафинале.

фото: www.lazarovkiril7.com

- Реклама -