Договорено: Пипан е новиот селектор!

Алеш Пипан и официјално е новиот селектор на македонската репрезентација откако ги прифатил условите што му биле понудени од страна на Македонската кошаркарска федерација. ЕКИПА ексклузивно дознава дека сите детали се веќе договорени, а во текот на денешниот ден оваа информација официјално ќе биде обелоденета и од страна на Македонската Кошаркарска Федерација. Со тоа, ќе заврши повеќемесечната потрага по нов селектор, откако досегашниот кормилар Марјан Лазовски самиот се повлече од одговорната функција.

Словенечкиот стратег неколку години беше селектор на Полска, што беше главен проблем за тој да ја преземе одговорната улога како предводник на Македонија на Евробаскет 2013. Сепак, откако ги договори условите за заминување од кормилото на полскиот национален тим, веќе не постоеја никакви пречки за тој да потпише договор како македонски селектор.

Со доаѓањето на Алеш Пипан се очекува да се зголеми дисциплината во македонската кошаркарска репрезентација, со оглед на фактот дека токму тоа е првото нешто што Словенецот го поправи по доаѓањето во МЗТ Скопје. Токму неговите добри резултати како кормилар на „металците“ во АБА-лигата беа главна препорака за челниците на МКФ да го контактираат и да му ја понудат селекторската улога, па сега пред Пипан е голем предизвик – да се обиде да оствари што подобар резултат на шампионатот на кој што Македонија ќе го брани четвртото место од Евробаскет 2011 во Литванија.

- Реклама -