Борко не можеше сам, пораз од Исланд (19-23)

Македонија го претрпе првиот пораз на Светското Првенство во Шпанија откако денеска загуби од селекцијата на Исланд со 19-23. И покрај извонредното издание на Борко Ристовски, нашите ракометари во поле не можеа да најдат одговор за цврстата одбрана на противникот и на крајот мораа со наведнати глави да го напуштат теренот. Исланѓаните го имаа расположениот Густавсон на голот, но и прикажаа фанатичност со агресивната одбрана 6-0 со која што не им дозволија на нашите ракометари да влезат во ритам. Само за илустрација, Кире Лазаров постигна четир гола (два од пенал), додека Мојсовски и Миркуловски по два пати ја затресоа мрежата на Густавсон, премалку за да може да се очекува триумф над сериозен ривал како што е Исланд.

На самиот почеток имавме проблем да ја пробиеме одбраната „6-0“ на противникот, што беше искористено од Исланѓаните за брзо водство од 0-2. Кризата продолжи, па откако седум минути не постигнавме гол, а Исланд поведе со 0-4, Шундовски беше принуден да земе минута одмор, а веднаш потоа и да го внесе Стоилов на позицијата пикер на местото на Маркоски.

Исландската тврдина конечно падна во деветтата минута со прекрасниот погодок на Наумче Мојсовски, по што следеше брза контра на нашиот состав што Манасков ја претвори во гол за 2-4. При резултат 3-5 Исланѓаните заработија исклучување од две минути, а Шундовски се реши за формација со два пикери. Тоа вроди со плод, Димовски изнуди пенал, а Лазаров со својот прв гол намали на 4-5.

Проблемите настанаа нешто подоцна, кога Миркуловски беше исклучен на две минути, што Исланд го искористи за да се врати на „плус три“ (4-7). Сепак, повторно покажавме карактер, па благодарение на одличниот Ристовски на голот, со погодоците на Стоилов (два) и Миркуловски, успеавме и да израмниме на 8-8.

Во клучен момент на сцена стапија судиите, кои што во една акција при два груби старта врз Мојсовски и Стоилов не досудија буквално ништо, па додека нашите ракометари останаа да лежат на теренот, Исланд преку контранапад поведе со 8-10. Финишот мина во знакот на Македонија, па со погодоците на Стоилов и Миркуловски нашите ракометари се погрижија на одмор да се замине со израмнети 10-10. Во овој период извонреден беше Борко Ристовски со девет интервенции, притоа бранејќи седум од деветте удари што кон него ги упатија исландските бекови.

За жал, вториот дел почна на идентичен начин како и првиот, па Исланд со фуриозен почеток одново си создаде солидна предност (10-14). И повторно по седум минути без постигнат погодок, Шундовски немаше друг избор освен со тајмаут да се обиде да ја консолидира играта во напад на нашите избраници. „Постот“ го прекина Ванчо Димовски, кој што на почетокот од 40. минута погоди за 11-14, но и во следните пет минути постигнавме само уште еден гол, преку Мојсовски.На средината од второто полувреме исклучен беше еден ракометар на Исланд, но и во тој период не ја намаливме негативата, за веднаш потоа да следи и второто исклучување на Миркуловски. Немоќно делуваше нашиот напад во тој период од мечот, а националниот тим на Исланд знаеше како да го искористи тоа и да стигне до плус пет (13-18).

Велко Маркоски и Манасков за момент ја вратија неизвесноста намалувајќи ја 15-18, но искусниот состав на Исланд не дозволи победата да му биде доведена во прашање. И покрај вложените напори, нашите ракометари сепак не успеаја да ја продолжат серијата победи на овој светски шампионат. Втора шанса да стигнат до својата трета победа во Севилја избраниците на Шундовски ќе имаат веќе утре, на дуелот со селекцијата на Русија.

- Реклама -