Шундовски: Да ги искористиме проблемите на Исланд

Во таборот на македонскиот национален тим владее позитивна атмосфера по обезбедниот пласман во осминафиналето, па сега со нетрпение се очекува утрешниот дуел со Исланд. Мотивот е огромен, со оглед на фактот дека со триумф ќе се обезбеди третото место во групата и ќе се избегне големиот фаворит Франција како ривал во осминафиналето. Исланѓаните пристигнаа во Шпанија без помошта на неколку стандардни првотимци, проблем што треба да биде искористен од страна на нашиот национален тим.

„Уште пред поаѓањето од Скопје кажав дека од трите селекции од Европа најголеми шанси за триумф имаме над Исланд. Имаат проблеми со повредите на двата десни бека, но столбот на одбраната, што ги зголемува нашите шанси за успех. Правиме анализи од нивниот настап, имаме некои новини за кои што ќе се подготвиме, но тоа не значи дека немаме шанси против некоја од останатите селекции, Русија и Данска“ – истакна Шундовски.

Без оглед на позитивната атмосфера во нашиот состав, Шундовски улогата на фаворит му ја препушта на нашиот противник.

„Фаворитската улога би му ја препуштил на Исланд, според рејтингот што го има. Ние сме репрезентација што чекаме вакви натпревари и максимално сериозно пристапуваме во нив. Од нас зависи дали ќе го добиеме тој меч или не, противникот е лимитиран на некои позиции во тимот, а на нас е да го искористиме тоа“ – порача македонскиот селектор.

Проблемите што се појавија во играта на нашиот состав се воочени и сигурно ќе бидат отстранети веќе на утрешниот дуел против Исланд. Ова особено се однесува на враќањето од напад во одбрана, со оглед на фактот дека примивме неочекувано многу голови од контри и полуконтри на противниците.

„Секој играч мора да се врати назад и да ја одигра таа одбрана до тој прв фаул. Физички сме подготвени за таков тип на игра, сите три репрезентации имаат брза трансформација од одбрана во напад, ако успееме да го спречиме тоа, веќе сме во фаворитска улога. Позиционата одбрана е на ниво, кога ќе играме одбрана шест на шест можеме да се носиме со секого“ – потенцира Шундовски.

- Реклама -