Андрејева се повлече од репрезентацијата

Тања Андрејева реши и официјално да стави крај на својата репрезентативна кариера, објавувајќи дека во иднина повеќе нема да настапува за македонскиот национален тим.

Искусната голманка ја обелодени својата одлука за „Македонски спорт“, истакнувајќи дека дојде време своето место да им го отстапи на помладите. Андрејева со години наназад беше прв голман на нашата женска репрезентација, но на 34-годишна возраст сосема логично е да се збогува од националниот тим и погледите да ги насочи кон клупските настапи за тимот на Металург.

Како нејзин последен настап ќе остане запаметен оној на ЕП 2012 година против селекцијата на Данска, што беше 101. натпревар во репрезентативната кариера. Претходно, јубилејниот стоти натпревар го одигра на мечот со Шведска, на кој „црвено-жолтите“ претрпеа убедлив пораз од 11 гола разлика.

– Да бидам искрена, не ни знаев дека ова беше мојот стоти натпревар во кариерата. Нормално дека се чувствувам горда што имам ваков јубилеј во репрезентацијата, но од друга страна, жалам што токму на тој натпревар претрпевме вака убедлив пораз. Искрено се надевавме дека Шведска е селекција против која можеме да играме, па дури и да победиме, но за жал на теренот се докажа спротивното – изјави Андрејева за ЕКИПА по тој јубилеј.

По заминувањето на Андрејева, се очекува улогата на прв голман во националниот тим да ја преземе Дијана Наумоска, која беше нејзина замена и на европскиот шампионат во Србија.

- Реклама -