Утрово Комисијата за заразни болести повторно дискутирала за проблемот со доставувањето на решенија за самоизолација, производ на несоработката и лажните податоци што ги даваат граѓаните што не сакаат да ги примат решенијата. Се работи за 450 такви решенија, за кои се очекувало помош од МВР, но не се доставени и се вратени назад, изјави денеска од Прилеп министерот за здравство Венко Филипче.
Како што рече тој, лицата што одбиваат или избегнуваат да ги примат решенијата се луѓе кои се огромен ризик и потенцијални асимптоматски носители на вирусот, кои доколку се движат помеѓу луѓето и не ја почитуваат самоизолацијата може да шират болеста понатаму. Затоа, денеска или најдоцна утре нивните имиња ќе бидат објавени јавно, рече Филипче, кој оваа мерка ја најави неодамна на прес-конференција, поради сериозните пречки на терен.
Како што објасни тогаш, истите веројатно ќе бидат објавени на сајтот на Министерството за здравство и со објавување на имињата ќе се смета дека прозваните го добиле решението, односно ќе мораат да го почитуваат.